Никој нормален не е против добрососедски односи и ние отсекогаш сме сметале оти сме блиски со Бугарите и дека треба да се соработува. И Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) најмногу соработува со Бугарија, ама тоа не значи дека една влада која ќе добие мандат, затоа што било речено дека тие и тие прашања треба да се исчистат и треба да се решат, веднаш ќе направи една отстапка за која ние не знаеме колкава е, а притоа занемарувајќи дека власта се добива преку народот, народот е тој што ја предава власта на оние што ќе ја извршуваат со тоа да ја извршат волјата на народот. Тие немаат право да одат надвор од тие работи, вели академик Манџуков, во синоќешното гостување во емисијата „Ѕид“ на Тв Алфа.
„Со Бугарија имаме три отворени прашања. Не го признаваат народот, не ја признаваат црквата и не го признаваат јазикот. Значи тоа е суштината на се! Значи не ја признаваат државата. Државата ја признаваат формално како своја, затоа што не ги признаваат атрибутите. И во таа ситуација, ние имаме безброј проекти со нив соработуваме и тоа е добро да се соработува и МАНУ не треба ад-хок да реагира за секоја изјава на некој, зошто такви изјави имаше и порано кога беше енциклопедијата, дека ете така ние тука работиме што ќе ни каже власта, зашто тие не финансираат, а сега па што ќе ни каже власта од надвор, белки и тоа некој го финансира“, рече академик Манџуков.
Академик Манџуков смета дека треба еднаш засекогаш да се каже:
„Ако сме ние браќа и ако сме блиски, да видиме во која смисла сме браќа, дали сме браќа затоа што треба некој да се поништи, за сметка на другиот или да се сака. Значи љубовта кон Македонија е патолошка љубов. Сите ја сакаат Македонија да ја грабнат, значи не ја сакаат таа редовно да дојдат кај таткото да ја замолат нели да ја просат и така натаму, туку не, како во турско време, да ја грабнат и да стане нивна, а тоа се нестварни работи, тука никаква математика, никаква наука, никој тука не помага“.
Академик Манџуков зборуваше и дека академик Иван Катранџиев пред некој ден имал една промоција на која рекол дека луѓето од Пиринска Македонија се многу незадоволни и дека ние не правиме за нив апсолутно ништо. „ Се откажавме од териториите, сега се откажуваме и од историјата, се откажуваме од народот, се откажуваме од се, ама тоа значи да немаш никој! Да немаш татко, да немаш мајка, да немаш гроб, да немаш дедо, да немаш баба, да бидеш збришен од историјата, како да не си бил“.
„Ова трите страни што го бараат, Бугарија, Грција и Албанија, ако им го дадеме тоа што го бараат, нам нема да ни остане ништо“, заклучува академик Манџуков.