Заев и Џафери не даваат амнестија за настаните од 27-ми април

Премиерот Зоран Заев и претседателот на Собранието Талат Џафери ја отфрлија можност во петокот за закон за амнестија за лицата инволвирани во крвавиот четврток, односно во насилствата во Собранието на 27 април, лани, за кои се водат судски постапки.

„Не сакам ни да помислам дека некој размислува за такво нешто, закон за аменстија. Верувам дека никој и не размислува, но и ако некој потајно размислува убаво е да се откаже од такво размислување“, рече Заев на прес-конференцијата во Собранието на годишнината од настаните.

Доколку Заев, како што рече, помисли и на такво нешто, против него ќе се свртат пратениците, новинарите и камерманите, но и граѓаните. „Законот мора да важи еднакво за сите“, рече Заев.

Џафери, пак, рече дека нема место за размислување за таква опција (амнестија) затоа што, како што кажа, милион граѓани за најситна повреда на правилата и на законите се соочуваат со процес на правда и правдина низ системот онака како што е предвидено.

„Не мислам дека решението за самата опозиција е во фактот и во можноста формално да се постави и да се покрене една таква иницијатива. Без оглед што можеби тоа и го пропагираа во почетокот после настаните, јас сум убеден дека по една година цврсто се мислат и тие дали би направиле еден таков чекор. Мислам дека сватиле што се случило, да не кажам што направиле“, рече Џафери.

Кажав, додаде тој, простувам, но не заборавам што се случило затоа што доколку заборавам или заборавиме, тогаш постои можност да ни се повторат заборавените работи коишто сме ги надминале.

„Од таа причина сметам после една година ни самата опозиција веќе не стои на тој став дека треба да има амнестија без оглед декларативно што ќе кажат“, дециден е Џафери.

Заев не одговори на новинарско прашање дали знае или се сомнева во тоа кои се инспираторите на настаните од 27-ми април, туку рече дека верува оти низ доказната постапка преку истрагата ќе се утврди максимално вистината по која што, вели тој, а веројатно и сите граѓани трагаат.

„Не само насилниците, не само директно вклучените, можеби и инспираторите, тајно
организаторите од позадина на овој настан. Ако има докази, јас сум убеден дека преку тие докази ќе се утврдат и инспираторите. Ако нема докази верувам дека постои време и можност кога ќе се појават. Никоја тајна не останува трајна никаде, рече Заев.

Правна разрешница, според него мора да има, но инспираторите и организаторите мора да сносат и политичка одговорност. Бруталните и насилничките настани на 27-ми април во Собранието, кажа премиерот, не беа напад против нас туку против демократијата. Тоа беше повеќе од криминал, повеќе од предавство, оцени Заев.

Кажа дека денес сѐ уште не можел да прифати дека некои од тие насилници за да го
реализираат нивниот, како што рече, монструозен план и намера, биле подготвени и за
ликвидација на некои од членовите на Собранието.

„Во нивните очи се гледаше зло, чисто зло и намера за одземање човечки животи“, рече Заев.

Рече дека мора да има правна разрешница на случајот и дека, сепак, овој
настан ја поттикнал уште повеќе слободата во земјата. Кажа дека ситуацијата не ескалирала поради присебноста и мудроста на мнозинството пратеници, на медиумските екипи, но и граѓаните кои се воздржале од реакција.

„Повеќе од што било таа присебност му покажа на светот дека Македонија е спремна за нова иднина. Една година потоа Македонија се врати на патот по кој чекорат сите европски демократски држави. Ја убедивме ЕК дека заслужуваме препорака, сега сакаме да ги убедиме земјите членки на Европскиот совет дека заслужуваме почеток на преговори за ЕУ“, рече Заев.

 

Претседателот на Собранието Џафери денеска на една година од крвавите настани во
парламентот порача тие никогаш да не се повторат.

„По една година влегувам овде и го имам истото она чувство и се присетувам на ситуација кога во еден момент треба да мислам за живот или смрт. Ситуација кога на екранот гледаш дека маса граѓани насилно влегуваат и мислиш дека според она што е поставено системски не може да се влезе во Собранието, колку и да има луѓе однадвор. Чувството дека некој однатре тоа го прави е уште потешко. За жал, дознавме дека тоа одвнатре го прават наши колеги кои делат иста судбина и јадат ист леб. За жал, дел од тие кои беа и се обврзани да ги обезбедуваат животот и работа на пратениците и на службениците во Собранието не беа на нивото на својата задача“, рече Џафери.

Како претседател на Собранието, сепак, и тогаш и повторно по една година, рече дека им простува на сите што не биле на нивото на задачата. Зијадин Села, кој најмногу настрада во насилствата, како и пратениците од опозицијата, биле поканети да присуствуваат на прес-конференцијата, но тие не дојдоа.