Советниците од jужна Митровица бараат обединување на градот

Советот на Општина Јужна Митровица едногласно во петокот усвои Декларација со којашто ја поддржа иницијативата на градоначалникот Агим Бахтири за обединување на северниот, претежно населен со Срби и на јужниот дел на градот, каде мнозинството од жителите се Албанци.

Усвоената Декларација за обединување во следните денови ќе биде испратена до косовската лада, која би требало да се произнесе по иницијативата за обединување на двата дела на Митровица. Со Декларацијата се бара укинување на одлуката за поделба на Митровица на две општини и за создавање единствена единица на локалната самоуправа.

Иницијативата на Бахтири, кој има амбиции да биде градоначалник на „обединетата“ општина Митровица, следуваше откако градоначалниците на четирите општини во северно Косово, во кои мнозинството жители се Срби, меѓу кои и на Северна Митровица, поднесоа оставки на функциите. Тие како причина за своите оставки го наведоа „кршењето на човековите и економските права на Србите“ со воведувањето на таксите од 100 отсто за увоз производи од Србија.