Реал потврди, Азар во Мадрид ќе игра до 2024-та

Белгискиот фудбалски репрезентативец Еден Азар го напушти лондонски Челзи и ќе потпише петгодишен договор со мадридски Реал, потврди во петокот вечерта „Кралскиот клуб“ во службено соопштение.

Реал не ја објави висината на трансферот, но шпанските медиуми пишуваат дека шпанскиот гигант се согласил да плати 100 милиони евра отштета за 28-годишниот Белгиец, кој според важечкиот договор во Челзи требало да остане до летото 2020 година.

Реал во официјалниот допис до медиумите наведува дека Еден Азар ќе биде претставен на стадионот „Сантијаго Бернабеу“ во четврток 13-ти јуни под услов да ги мине лекарските прегледи.

Азар си заменува од Челзи откако лондонските сини ја освоија титулата во Лига Европа, а Белгиецот постигна два од четирите погодоци во финалето против градскиот ривал Арсенал.

Во Лондон дојде од Лил во 2012 година за 32 милиони фунти и во првата сезона учествуваше во освојувањето на Лига Европа. Додека настапуваше за клубот од „Стенфорд Бриџ“ освои и две титули во Англија, во 2015 и 2017, и по еден ФА купи и Лига куп.