![zijadin-sela-1](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2019/03/zijadin-sela-1.jpg?resize=660%2C495&ssl=1)
Вчерашната понуда на лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, за 48 часа да има одговор за тројната коалиција, за Движење Беса е нејасна и несериозна, јавува ТВ 21. Од оваа партија велат дека немаат за што да одговорат бидејќи пред еден месец тие донеле одлука дека се „ЗА“ тројна коалиција. Генералниот секретар на Движење Беса, Арјанит Хоџа, вели дека се уште не добиле одговор зошто не се организира тројна средба за да зборуваат за деталите на коалицијата, но се се прави со јавни понуди преку медиумите.
„Можеби има повеќе од еден месец откако не сме имале средба со Алијанса за Албанците. На последната средба покажавме подготвеност и баравме да бидат присутни и претставници од Алтернатива. Кажано ни е дека се обидуваат да ги обезбедат и сега е несфатливо тоа што немаме конкретен одговор зошто нема средба, а од друга страна има јавна понуда која никој не ја разбира а уште помалку знаеме на кого се однесува ултиматумот од 48 часа!“, рече Хоџа.
И Движењето Беса и Алтернатива сметаат дека 48 часовната одлука не се однесува на нив. Генералниот секретар на Алтернатива, Скендер Реџепи, тврди дека е доволна коалицијата меѓу Алијанса за Албанците и Алтернатива, за да излезат како победници на изборите на 12 април.
Што ќе направите во овие 48 часа? Постои веројатност да попуштите и да најдете некакво решение?
„Ние ќе го направиме тоа што го правиме повеќе од еден месец. Ќе продолжиме да ја храниме можноста за соработка со која ќе победиме на следните избори. Истото ќе го направиме не само 48 часа туку и следната недела, ќе го направиме и во текот на кампањата и сметаме дека само усогласувањето на изборните програми на двата субјекта, кои и од реален аспект се повеќе поврзани со народните структури, сметаме дека многу поважно е нашето вклучување во рамките на програмата, изборните преговори, отколку да мислиме на тоа што ќе се случи за 48 часа. “, рече Реџепи.
Претседателот на Алијанса за Албанците, вчера по состанокот на раководството на партијата, рече дека ќе излезе со конкретни понуди и за лидерот на Беса и за тој на Алтернатива.
„Со конкретна понуда за се, не е доволно да се каже дека сме или не сме за тројна коалиција, бидејќи може да дојде до недоразбирање за еден збор и во врска со тоа со оваа понуда ќе ве информираме и верувам дека за 48 часа ќе бидете информирани и ќе чекаме конечен одговор“, вели Села.
Неофицијално се дознава дека тројна коалиција, освен спротивставувањата на Алтернатива, сега заглави и во понудата на АА за носителите на листи во изборните единици. На онлајн медиумите кружат неутврдени фотографии каде се гледа дека Беса не е носител на листата на ниту една изборна единица. Меѓутоа, во врска со тоа генералниот секретар на Беса рече дека тоа за нив претставува најмал проблем кој може да се реши на два начина: поделба според целосното партнерство меѓу трите политички партии и второ, поделба врз основа на анкетите кои би ги спровела прифатлива агенција од страна на трите субјекти.