Американскиот претседател Доналд Трамп изјави денеска дека неговата администрација размислува да бара од патниците кои пристигнуваат со меѓународни летови да поминат прегледи, вклучувајќи мерење на температурата и тестирање на коронавирус, за да се запре ширењето на заразата.
„Размислуваме да го сториме тоа за меѓународни летови кои пристигнуваат од многу заразени области“, рече Трамп и додаде дека тоа може да се случи наскоро.
Претседателот додаде дека се уште не е решено дали федералните власти или авиокомпаниите ќе спроведат вакви тестови.
„Можеби ќе биде комбинација од двете“, рече тој.
Трамп исто така објави на Твитер дека големиот број заразени со коронавирусот во САД, кој е најголем во светот, може да се објасни со добро функционирање на систем за тестирање на инфекции.
„Единствената причина зошто има милион случаи на инфекција во САД е затоа што нашиот систем за тестирање е подобар од која било друга земја во светот. Другите земји се далеку зад нас во тестирањето“, наведе Трамп.