Целиот здравствен систем е активиран и мобилизиран со цел успешно справување со ковид-19, соопшти министерот за здравство Венко Филипче преку својот профил на Фејсбук.
Инфективната клиника по систем на ротација се зајакнува со 27 медицински сестри од здравствените установи низ земјава. Во ГОБ „8 Септември“ како поддршка се испраќаат 27 медицински сестри и двајца интернисти.
„Нашиот тим функционира како едно и го дава својот максимум за третман на сите пациенти дијагностицирани со ковид-19“, порача Филипче.
Седум медицински сестри и техничари од Општата болница во Кочани од денеска во следните две недели ќе бидат работно ангажирани на Инфективната клиника во Скопје.
Прераспределбата на новите работни места е привремена и се реализира на барање од Министерството за здравство, поради недостигот од медицински кадар на Клиниката. На здравствените работници од Кочани во Скопје ќе им се придружат и нивни колеги од болниците во Велес, Кавадарци и Кичево.