Кампањата влегува во финиш, реториката се заострува

До изборите на 15 јули останува само уште една недела. Партиите имаат само уште четири дена за презентација на програмите. А, како се ближи изборниот ден, така се заострува и реториката.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва отворено зборуваше за неговите видувања на програмата која што СДСМ и БЕСА заедно ја подготвуваат и што таа предвидува. Мицкоски вели овој пат ќе следи федерализација и конечно уништување на Македонија.

„Сетете се колку пати овој човек не измамил, не ја кажал вистината, така и овој пат. Секој оној кој што ќе излезе на 15 јули и кој што ќе заокружи за Зоран Заев треба да е свесен дека овој пат заокружува за конечно уништување на Македонија. Јас сум сигурен дека тоа нема да се случи, тоа се чувствува, народот овој пат е одлучен да излезе уште рано наутро и на 15 јули да го заокружи бројот 14“, рече Мицкоски.

 

А, по изјавите на Села дека ќе прави паралелна албанска Влада, вниманието го зеде лидерот на ДПА, Мендух Тачи кој изјави дека Влада без учество на албанските партии ќе значи војна. Денеска Тачи се објаснува дека тој не најавувал војна, туку Ахмети со барањето за Албанец премиер создава тензии и најавуваа сценарија како она од 2001 година.

„Барањето на Ахмети за премиер Албанец има директна закана, бидејќи тој е свесен дека ќе биде опозиција и последната алка му е национализмот и сака да ја направи тензијата голема. Бидејќи ако не биде тој во Влада, надевајќи се дека ќе биде прв кај Албанците, може да се случи сценариото од 2001. Мојата порака до граѓаните е граѓаните да не се вознемируваат, дека јас сум кандидат за заменик-премиер и ако седнам на тоа место, гарантирам дека Ахмети и ДУИ ќе го почитуваат гласот на граѓанинот и ќе бидат мирни како кокошки“, вели Тачи во интервју за „Утрински брифинг“.

Ахмети пак синоќа од Струга вели на противниците на идејата за прв Албанец премиер „им се тресат нозете“.

„ И ако некој пред некое време ќе речеше дека Талат Џафери, Претседател на Собранието ќе го крева знамето на НАТО, кој ќе веруваше, еден командант на Ослободителната Национална Армија? Нема да биде премиерот Албанец? Зошто да не може? Никој не ми дава одговор, а од друга страна им се тресат нозете од ова идеја,” вели Ахмети.

Заев денеска одговори на прозивките од Ахмети. Вели во Владата што тој би ја составувал ќе има и Албанци и рамноправна застапеност, но нема да дозволи уцени од Ахмети, кој вели, по 15 јули ќе оди во опозицијата.

„Ќе влеземе во коалиција за да има рамноправна застапеност во парламентарното мнозинство на сите етнички заедници кое ќе ја сочинува новата влада. Но, апсолутно никако нема да дозволиме уцени, закани, или какви било тајни преговарања. Може да се договараме за вредност, за интересот на граѓаните, за подобар живот на сите, на програмски определби, но, уцени никако. Ова е важно за да знаат граѓаните дека не зависи ниту од Ахмети, ниту од Заев, ниту од Мицковски или Тачи, ниту од Села или кој било во државава“, вели Заев.

Заканите за уривањае на уставниот поредок со формирање на параинституции, како заплашувањата со сценарија за војна почнаа по изјавата на Заев дека тој подготвен да формира и малцинска влада само за да се избегне уцената на ДУИ за избор на Насер Зибери како прв Албанец премиер.