Лидерите на Европската унија утринава постигнаа договор за пакетот за обнова на економијата по пандемијата. Со пакетот се нудат 750 милијарди евра грантови и заеми како одговор на ефектите од ковид-19, соопштија официјални лица во Брисел каде што, наместо два, веќе четири дена евр лидерите расправаа за економскиот пакет.
„Овој договор покажува дека блокот е способен да дејствува заедно, дури и за време на најголемата криза и е подготвен да оди по нови патеки во необични околности”, рече денеска германската канцеларка Ангела Меркел на заедничката прес-конференција со францускиот претседател Емануел Макрон.
Макрон, пак, изјави дека договорот следувал по долги и тешки преговори, за време на кои требало да се направат отстапки за да се победат земјите-членки чии приговори го блокираа договорот.
Преговорите за буџетот на ЕУ од 1,85 трилиони евра и за Фонд за опоравување од најтешката криза укажаа на несогласувањата меѓу членките на блокот. Холандија, Шведска, Данска, Финска и Австрија бараа намалување на големината на пакетот и да се постават строги правила за тоа како да се користи.