Од први септември цената на струјата во соседна Србија ќе се зголеми за скоро 8 отсто, пренесува српскиот медиум, блиц.рс. Според статистиката едно просечно семејство троши околу 400 киловати месечно, што ќе значи дека месечната сметка ќе се зголеми за 230 динари или околу 130 денари.
Зголемувањето на цента на струјата во Србија се должи на анализата што ја направи Електростопанството на Србија, по барање на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), а анализата покажала дека цената за производство на струја е повисока од продажната цена.
Раст на цените на струјата има и кај земјите членки на ЕУ. Од 2018 до средина на 2019 година просечно цената на струјата се зголемила за 1,3 отсто, покажуваат податоците од Еуростат. Цената за еден киловат – час во ЕУ изнесува 21,4 центи.
За споредбам Македонија има значително пониска цена на струјата од онаа на земјите во ЕУ. Цената за еден киловат час во Македонија изнесува 7,83 центи или околу трипати пониска од цената на еден киловат во земјите од ЕУ.
Деновиве се очекува и Регулаторната комисија за енергетика да донесе одлука за цената на струјата и во земјава.Согласно методологијата, цената на струјата зависи од материјалните трошоци што ги поднеле трите енергетски компании, државната ЕСМ, која што добива најголем дел од цената на струјата, ЕВН, и МЕПСО. Помал дел од цената на струјата зависи и од увозот што се прави во текот на годината. На цената на струјата граѓаните плаќаат и ДДВ од 18 отсто.