Државниот инспекторат за животна средина соопшти во вторникот дека изминатата ноќ неговата компјутереска мрежа била цел на хакерски напад, и притоа без наведување поединости наведува дека инцидентот го смета за „притисок“ врз институцијата.
„Околу 12:00 часот на полноќ, на 18-ти кон 19-ти јануари 2021 година, поголем број медиуми добиле стари соопштенија испратени од е-мејл адреси на Државниот инспекторат за животна средина“ стои во соопштението на ДИЖС.
Според првичните информации, како што наведуваат оттаму, во консултации со стручни лица, потврдено е дека станува збор за хакерски напад во е-мејл платформата на Инспекторатот.
„Овој настан го сметаме за притисок врз работата и сакаме да ја известиме целата јавност дека ќе продолжиме со извршување на нашата работа, на транспарентен и отчетен начин, упорно и неселективно,“ се наведува во соопштението на Инспекторатот без конкретно да наведат за каков и од кого е наводниот притисок.