Усогласувањето на законот за финансирање на општините на неколку месеци пред одржувањето на локалните избори, само по себе носи сомнеж, изјави за “Утрински брифинг” пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Иван Јорданов.
Според него, станува збор за раздолжување на општините кои недомаќински работеле последните четири години.
Ова е трето усогласување на законот за финансирање на општините што само по себе остава одреден сомнеж. На комисиска расправа пред избори се врши измена и дополнување на законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа. Ако претставниците на власта често зборуваат за задолженост односно за расчистување на долговите на општините, практично со овие претходни измени на законот за финансирање тие овозможуваат нивните претставници во локалната самоуправа – градоначалниците да ги зголемат долговите на општините, вели Јорданов.
Ако пред неколку години, продолжи Јорданов, се донесе законот со кој се раздолжуваа општините на ниво на Република Македонија каде што 50 милиони евра државата вбризга во општините за да го намали долгот на неодговорното работење на одредени градоначалници, сега ги става во подредена ситуација одредени градоначалници кои што транспарентно, одговорно и чесно се грижеле за општинскиот буџет.
Таков пример беа Општината Охрид, Куманово, Карпош. Затоа велиме ова раздолжување е селективно и наместо да биде пракса да се намалуваат долговите, од раздолжувањето со 50 милиони евра кое што државата го направи за овие општини тие повторно го продолжуваат трендот на зголемување на долгот на општините, истакна Јорданов.
Околу настаните во Собранието на 27 април, Јорданов посочи дека станува збор за еден политички прогон, за една политичка пресуда. Пресуда која што е донесена врз база на политички цели.
Ние како политичка партија ги осудивме насилството и крвопролевањето. Но, замислете да осудите луѓе на 200 години затвор за измислено дело тероризам е селективна правда која што е неправда. Затоа велиме дека треба да се обнови судскиот процес. За разлика од од овие луѓе кои се осудени на над 200 години затвор, сведочиме во секојдневието дека луѓе сторители на многу потешки кривични дела кои навистина треба да се гонат за тероризам осудени се на една или две години. Издавале патни исправи на терористи и осудени на една или две години. И затоа велиме дека станува збор за неправда која граѓаните ја чувствуваат, а и ние како партија даваме поддршка и ќе учествуваме на сите протести кои што ќе се одржуваат во име на тоа, изјави Јорданов за “Утрински брифинг”.