Беса и Алијансата договорија соработка во вториот круг од локалните избори

Движењето Беса и Алијанса за Албанците постигнаа договор за меѓусебна поддршка на кандидатите за градоначалници во општините каде што се натпреваруваат, потврдија во понеделникот од двете партии.

Генералниот секретар на Беса, Аријанит Хоџа, претходно во понеделникот ги повика своите активисти да ги поддржат кандидатите на Алијанса во вториот круг. Од Беса, исто така, бара и меѓусебна поддршка за своите кандидати во Тетово и Желино.

„Во вториот круг од локалните избори, сите гласачи на Беса треба да ги поддржат кандидатите на Алијанса за Албанците и со тоа да помогнат во политичкиот пораз на ДУИ и ДПА“, рече Хоџа.

Идентичен повик во понеделникот дојде и од Алијанса за Албанците, откако Арбен Таравари ја потврди поддршката за кандидатите на Беса, повикувајќи го електоратот гласа за лидерот на движњето Беса, Биљал Касами, во Тетово, како и за нивниот кандидат Блерим Сејдиу во Желино.

 „Нашите членови и симпатизери и сите други гласачи ќе ги поддржат кандидатите на Движењето Беса во општините каде што се соочуваат со ДУИ, зборувам за Желино и Тетово. Во координација сме со Алтернатива и мислам дека во наредните часови ќе излезат и тие или ќе продолжиме да се координираме. Станува збор за општините каде што се натпреваруваат Алијанса, Алтернатива и Беса“, рече Таравари

Овој договор меѓу Беса и Алијанса доаѓа ден откако истиот потег го направија Али Ахмети и Мендух Тачи за поддршка на кандидатите на ДУИ во општините каде што се натпреваруваат.