![manu-blaze-koneski](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2021/12/manu-blaze-koneski.jpg?resize=696%2C492&ssl=1)
Во рамките на одбележувањето на 2021 – Година во чест на Блаже Конески по повод 100-годишнината од раѓањето, во свечената сала на Македонската академија на науките и уметностите во понеделник со почеток во 11:00 часот ќе се одржи Свечен собир во чест на Блаже Конески.
Свечениот собир е составен од два дела, а во првиот дел ќе се обратат: д-р Стево Пендаровски, претседател на РС Македонија; акад. Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ; проф. д-р Никола Јанкуловски, ректор на УКИМ; акад. Катица Ќулавкова, секретар на ОЛЛН – МАНУ и раководител на проектот „Критичко издание на целокупните дела на Блаже Конески.“ Со омаж за Конески ќе се претстават акад. Зузана Тополињска и акад. Влада Урошевиќ.
Во вториот дел на Свечениот собир ќе биде претставено уметничкото и научното дело на Блаже Конески во контекст на критичкото издание на неговите целокупни дела на МАНУ. Се работи за 12 тома со целокупните дела на Блаже Конески, а соодветните томови ќе ги претстават професорите: Венко Андоновски, Наташа Аврамовска, Иван Џепароски, Анастасија Ѓурчинова, Красимира Илиевска, Марјан Марковиќ, Веселинка Лаброска, Људмил Спасов, Лилјана Макаријоска и Станислава-Сташа Тофоска.
На Свечениот собир ќе биде промовирана и веб-страницата со дигиталните изданија на објавените томови од „Критичкото издание на целокупните дела на Блаже Конески“ којашто ја подготви Истражувачкиот центар за ареална лингвистика при МАНУ.
Пристапот до страницата е преку следниов линк: http://koneski.manu.edu.mk/