70 години од атомската бомба во Хирошима

Жителите на Хирошима денес одбележуваат 70 години од атомскиот напад.

Американското воено воздухопловство пед точно 70 години изврши атомски напад врз овој јапонски град, на крајот од Втората светска војна.

Бомбата во Хирошима изнуди капитулација на Јапонија и крај на Втора светска војна

h1Фрлената бомба врз Хирошима, утрото на 6 август 1945 година, како и врз градот Нагасаки, три денови подоцна, ја изнудија капитулацијата на јапонската армија и обезбедија завршување на Втората светска војна и на Далечниот Исток, три месеци по завршувањето на војувањето во Европа.

Атомската бомба, меѓутоа, само во Хирошима, предизвика смрт на 140 илјади луѓе.

Американскиот бомбардер Б-29, означен како „Енола Геј„ ја фрли атомската бомба врз овој јапонски град, која експлодира на 600 метри над земјата, предизвикувајќи веднаш смрт на најмалку 70 илјади луѓе и целосно уништување на Хирошима.

Уште толку луѓе умираа следните денови, недели и месеци по атомскиот напад, како последица на тешките повреди и ранувања, од силната радијација и од контаминираната околина.

Абе повика на глобално нуклеарно разоружување

На комеморацијата во Хирошима, што се одржа во Меморијалниот парк на мирот, уреден на епицентарот од атомскиот напад, присуствуваше и јапонскиот премиер Шинѕо Абе.

Зборувајќи пред повеќе од 40.000 луѓе, премиерот Абе повика на глобално нуклеарно разоружување и на откажување на светот од ова страшно оружје.

„Атомската бомба, фрлена врз овој град, не предизвика само смрт на илјадници луѓе, туку и неописливо страдање на преживеаните, рече во своето обраќање, премиерот Шинзо Абе.

На комеморативната церемонија во центарот на Хирошима присуствуваше и американскиот амбасадор во Јапонија, Керолин Кенеди.

Сите гости подоцна присуствуваа на церемонијата на пуштање на илјадници фенери од хартија, над реката Мотојасу, кои го симболизираат „патувањето во задгробниот живот“ на сите оние кои загинаа во атомскиот напад од пред 70 години.

Почина последниот член на екипажот кој ја фрлил атомската бомба

vankirkПоследниот член на екипажот на авионот Б-29, од кој е фрлена атомската бомба над јапонскиот град Хирошима, Теодор Ванкирк, попознат како Дач, почина минатата година на 93-годишна возраст.

Тој бил навигатор на авионот „Енола Геј“ од кого на 6 август 1945 година за првпат во историјата е фрлена атомска бомба.

Цел на бомбата бил јапонскиот град Хирошима. Во експлозијата на бомбата „Литл Бој“ загинаа 140.000 Јапонци. Три дена подоцна во јапонскиот град Нагасаки е фрлена и втората атомска бомба.