![migranti](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2016/02/migranti.jpg?resize=540%2C300&ssl=1)
Европската унија одреди 700 милиони евра што преку Инструментот за итна помош ќе им бидат достапни на нејзините членки во справувањето со бегалската криза, јави дописникот на МИА од Брисел.
Како што денеска објави еврокомесарот за хуманитарна помош и справување со кризи, Христос Стилијанидис, овие средства ќе им овозможат на ЕУ-земјите побрз и целен одговор на големи кризи, како што во случајов е сериозниот проблем со мигрантскиот наплив.
Со овој предлог, ние ќе можеме да испорачаме итна помош во ЕУ побрзо отколку што тоа беше случај досега. Се разбира, овие средства во моментов се најпотребни за справување со бегалската криза. Нема време за губење и овие 700 милиони евра ќе бидат достапни во најбрзо време за секоја од земјите-членки на Унијата што ќе побараат помош од Инструментот за итна помош, соопшти еврокомесарот Стилијанидис.
Според Еврокомисијата, средствата од овој Инструмент ќе бидат достапни за ЕУ-земјите, но и за меѓународни организации и невладини организации што ќе помагаат на некоја земја-членка на ЕУ во справување со одредена кризна состојба.
Инаку, овие 700 милиони евра, официјален Брисел ги одреди денеска откако вчера Грција побара 500 милиони евра за да смести 100 илјади бегалци на своја територија.