Македонскиот кошаркарски репрезентативец, Виктор Ефремовски се надева на две победи во двата натпревара од ноемврискиот прозорец во претквалификациите за Евробаскет 2025.
„Црвено-жолтите“ утре од 19 часот играат против репрезентацијата на Норвешка.
-Треба да продолжиме во еден победнички ритам. Се надевам на две победи. Очекувам публиката во Гевгелија да дојде во што поголем број, и да ни даде поддршка на натпреварите кои следуваат. Клучен натпревар за нас. Ако победиме, се ќе биде доста полесно на наредните натпревари, смета Ефремовски.
Селекторот Александар Јончевски на располагање ќе ги нема Ненад Димитријевиќ, Андреј Јакимовски и Кристијан Николов, но со засилување на бековската позиција е Американецот со македонски пасош Ти Џеј Шортс.
-Секако дека за нас е голем хендикеп, го немаме Нено во тимот, не игра ни Андреј. Ние другите сè ќе сториме за Ти Џеј да биде добредојден. Тој бил најдобар стрелец во Бундеслигата, и очекувам лесно да се вклопи во нашиот тим, вели Ефремовски во пресрет на двата дуели во салата „26 Април“ во Гевгелија.
Норвешка во првите две кола ги победи Данска на домашен и Словачка на гостински терен.