Властите во Србија во четвртокот ги прифатија барањата на опозицијата, заедно со изборите во Белград, закажани за 2-ри јуни, истовремено да се организираат и преостанатите локални избори, а заедно со оваа одлука, претседателката на Скупштината (парламентот), Ана Брнабиќ најави измени во Законот за локални избори, а опозицијата партиите одговорот го најавија за петок.
Повеќе од две седмици власта и опозицијата ги кршат копја во обидите да се договорат за клучните препораки на набљудувачката мисија на ОДИХР за воспоставување услови за фер избори по обвинувањата дека наводно се украдени декемвриските избори. Опозицијата побара и одложување на изборите во Белград за да се одржат истовремено со изборите за локална самоуправа, но само кога ќе се спроведат сите клучни препораки на меѓународните набљудувачи од мисијата на ОДИХР.
Брнабиќ денеска пред новинарите изјави дека во консултација со претседателот Александар Вучиќ донела одлука да го прифати барањето на опозициските партии и сите локални избори да се одржат заедно со изборите во Белград на 2-ри јуни. На вонредна прес-конференција објасни дека тоа значи дека во сабота во Скупштината на Србија ќе се расправа за измени на Законот за локални избори, за да може да се распишат и локалните избори согласно законот и Уставот.
Опозициските партии и коалициите се поделени во ставовите дали треба да учествуваат на овие избори, а нивните аргументи се дека сѐ уште не се исполнети клучните препораки на ОДИХР, чие усвојување би гарантирало пофер изборни услови – од уредување на избирачкиот список и отворање на медиумите кон пораките и гледиштето на опозицијата и да се спречи функционерска кампања, кон која прибегнуваат власта.
Претставниците на опозицијата најавија дека во петок ќе ја соопштат својата одлука дали ќе учествуваат на изборите.
Изборите во Белград се повторуваат откако победникот на декемвриските избори – владејачката Српска напредна партија (СНС), заедно со коалиционите партнери, и по три обида не успеа да воспостави советничко мнозинство во белградското скупштина. Опозицијата ги нарече тие избори украдени, тврдејќи дека имало бројни злоупотреби, изборен инженеринг и миграција на гласачи, од кои многумина наводно биле донесени од Република Српска да гласаат во Белград за кои владејачките партии велат дека инаку глаале на сите избори досега.