Деведесет компании аплицирале за трите инструменти содржани во вториот повик на Фондот за иновации и технолошки развој, за добивање на неповратна државна помош во пари за финансирање на иновациите.
Од овие апликации 56 се од старт ап и спин оф компании. Со овој прв инструмент од огласот се обезбедува финансирање на најмногу 85% од вкупниот буџет за проектот, со максимален износ од 30.000 евра.
За комерцијализација на иновациите аплицирале 25 компании, а преку овој инструмент се обезбедува финансирање на најмногу 70% од вкупниот буџет за проектот, со максимален износ од 100.000 евра. Останатите компании аплицирале за третиот инструмент, односно трансферот на технологии, преку кој се обезбедува финансирање на најмногу 50 проценти од вкупниот буџет за проектот, со максимален износ од 200.000 евра.
Вкупниот обем на средства кои државата ќе ги додели на македонските компании како неповратни средства во рамките на овој оглас изнесува 1,3 милиони евра.
За изборот на компании кои ќе добијат средства од државата, како и за обемот на овие средства, ќе одлучува Комитетот за одобрување на инвестициите кој е составен од врвни меѓународни експерти од оваа област.
-Без разлика што се работи за голем број на апликации нашите институции веднаш, многу посветено и сериозно ќе почнат со спроведување на сите процедури. Се очекува веќе во првата половина на ноември да ја имаме и фазата на предселекција која ќе ја изврши Комитетот за одобрување на иновации во кој членуваат реномирани меѓународни експерти, за веќе до крајот на ноември да може да бидат избрани финално субјектите кои ќе ги добијат овие средства, да бидат потпишани договорите и потоа да бидат пласирани средствата од страна на државата кои ќе бидат наменети за финансирање на иновацијата која што ја има компанијата. На тој начин тие ќе се стекнат со можност да остваруваат дополнителен профит, да имаат дополнителна корист од она што го имаат замислено и на тој начин да придонесуваат и за развојот на самата компанија и за општиот економски развој на Република Македонија, објаснува владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Владата планира до 2018-та година преку Фондот за иновации да додели вкупно 10 милиони евра.
Ова е втор јавен повик на Фондот за доделување на средства. Во рамките на првиот повик аплицираа 78 компании од кои беа избрани 16. Кон крајот на оваа и почетокот на следната година се планира објавување и на третиот повик за финансирање на иновации на компаниите.