На Спомен обележјето кај катлановско Блаце и во кампот Бутмир во Сараево денеска ќе биде одбележана шестгодишнината од хеликоптерската несреќа во која трагично загинаа единаесет припадници на воздухопловната бригада (вбр) на АРМ.
Делегации од Министерството за одбрана, Генералштабот на АРМ, Здружената оперативна команда на АРМ, вбр, предводени од заменикот на началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Насер Сејдини, како и членовите на семејствата на загинатите припадници на вбр ќе положат венци со цвеќе на Спомен обележјето кај катлановско Блаце.
Во кампот Бутмир во Сараево, Босна и Херцеговина во организација на Командата на ЕУФОР и македонскиот контингент ќе биде организирана комеморативна церемонија за одбележување на овој трагичен настан. Делегација од Република Македонија предводена од Државниот секретар во Министерството за одбрана Сашо Стефаноски ќе положи венец со цвеќе на спомен обележјето.
Македонските мировници кои се враќаа дома по шестмесечната мисија во АЛТЕА, на 12 јануари 2008 година околу 9 часот и 30 минути полетаа со хеликоптерот „МИ 17“ од базата Бутмир кај Сараево. Требаше да слетаат на воениот дел од скопскиот аеродром, а последниот контакт со контролната кула леталото го направило на шест милји од целта. Во несреќата животот го загубија потполковник Тони Спасовски, мајор Горан Ристовски, капетаните Бране Спасовски и Игор Ѓорески, заставниците Славчо Василев и Тони Давитковски, постарите водници Јанко Шириќ, Мики Ивановски, Александар Тасковски и Александар Васиќ и десетарот Златко Вељановски.
Хеликоптерот „МИ 17“ е од руско производство, наменет за транспорт на луѓе и товар, за воздушни десанти и за огнена поддршка. Има тричлен екипаж – двајца пилоти и авиомеханичар. Може да превезува 32 патника или товар до четири тони. Може да има разновидна техничка опрема и да биде вооружен со ракетни лансери, бомби и митралези. МИ – 17 и неговата постара верзија МИ-8 во повеќе од 50 држави во светот, најчесто се користат за воени, но и за цивилни потреби.