На состанок на шефовите на дипломатиите на НАТО, грчкиот министер за надворешни работи тврдел дека членството на Македонија во НАТО наводно не било поврзано со грчко-македонските односи, јавува дописникот на Нетпрес од Атина.
Грчките позиции за проширувањето на НАТО, особено во однос на предусловите за членство на Македонија во Алијансата, се апсолутно јасни и повеќе се поврзани со општите критериуми на НАТО, а не со грчко –македонските билатерални односи, изјавил Венизелос на работната вечера во Брисел на која се дискутирало за изгледите за проширувањето на Алијансата.
Ова не е прв пат грчкиот државен врв да го тврди горенаведеното. Ваквите ставови вообичаено ги застапуваат за меѓународна употреба, додека на домашната сцена јасно кажуваат дека тие нема да дозволат Македонија да станел дел од НАТО и ЕУ.
Во меѓувреме, грчките медиуми го пренесоа интервјуто на премиерот Никола Груевски за „Фајненшл Тајмс“ во кое тој ги повика САД, Германија и Франција да извршат притисок врз Грција за да се реши прашањето за името.
„Можностите за решавање на спорот со Грција за името на Македонија се најлоши во последниве 18 месеци, и за да се дојде до решение можеби ќе треба интервенција од САД и водечките сили во Европа,изјави Груевски за Фајненшл Тајмс“, јави „Катимерини“.
„То Вима“ пак, во анализа за интервјуто, пишува дека се она што се случува во последно време во однос на членството на Македонија во НАТО не е случајност.
„Покрај тоа што ги повика големите сили да извршат притисок врз Атина за решавање на името, Груевски јавно го обвини премиерот Самарас дека има најекстремни позиции во историјата на спорот за името и ја потврди потребата Грција да го почитува Меѓународниот суд во Хаг кој пресуди дека Грција ја прекршила Времената спогодба во контекст на Самитот на НАТО во април 2008 година“, пишува „То Вима“.
Според весникот, во исто време Англичаните, Французите и Германците, без да се знае дали има договор меѓу нив, презеле чекори за ова прашање. Весникот потсетува на средбата Венизелос-Хејг во Лондон, соопштението на Француската мисија во ОН во кое беше изразено жалење за ќор-сокакот во кој се наоѓаат преговорите за името, и средбата на германската канцеларка Ангела Меркел со медијаторот Метју Нимиц.
Извори во Брисел за „То Вима“ изјавиле дека во моментов не постојат намери да се предизвикаат проблеми во грчката Влада со покренување на толку чувствително национално прашање.
„Сепак, одредни кругови во грчката дипломатија изразиле загриженост дека и покрај јасниот став на грчката страна дека сака име за сите употреби со јасна географска одредница пред терминот ’Македонија’, постои чувство дека после јуни следната година ќе има јасна мобилност со потенцијална пресвртница на самитот на НАТО во Велика Британија во септември, се вели во текстот на „То Вима.