На настанот свои обраќања имаа и вицепремиерот задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски и Пол Волерс, Амбасадорот на САД во Република Македонија.
Проектите за инвестиции во чиста енергија и за индустриски менаџмент ќе се фокусираат на поддршка на Владата на Република Македонија во унапредување на правната рамка за планирање, иницирање и спроведување на процеси и процедури за намалување на емисијата на стакленички гасови на подолгорочна основа, со цел да се унапреди економскиот развој, да се подобри управувањето со животната средина и да се постигнат развојните цели, како и зголемување на конкурентноста на индустријата, преку намалување на трошоците за енергија.
Министерот Сараќини во своето обраќање истакна дека чистата енергија значи намалување на загадувањето, помали сметки за електрична енергија, но таа има и економска димензија – придонесува за отварање на работни места и намалување на увозот на енергенси, чија цена не е за занемарување.
„Во овие неколку години, од страна на Владата на Република Македонија, креирани и имплементирани се проекти од областа на енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија кои имаат капацитет да го намалат степенот на невработеност, да го подобрат квалитетот на живот за граѓаните и да придонесат за заштеда на енергија и средства за неа”, рече Сараќини додавајќи дека со унапредувањето на енергетската ефикасност и поголемото искористување на обновливите извори на енергија сите заеднички придонесуваме кон заштита на животната средина.
Индустрискиот сектор, според Сараќини, има најголем удел во потрошувачката на финална енергија во Република Македонија, со 33,95% и се одликува со голема енергетска интензивност. Проектот на УСАИД за индустриски менаџмент воведува еден иновативен пристап за македонската индустрија, во поглед на следење на потрошувачката на енергија, управување и идентификација на можни мерки за нејзино подобрување. Исто така, Проектот за првпат ќе овозможи примена на ISO Стандардот за систем за управување на енергија МКС EN ISO 50001, кој е донесен од Институтот за стандардизација во 2011 година.
„Со инсталирање на модерни системи за управување со енергија, компаниите ќе можат подобро да ја регулираат потрошувачката на енергија и да донесат стратешки одлуки за надградба на нивната енергетска ефикасност”, изјави Н.Е. Пол Волерс, Амбасадор на САД во Република Македонија, потенцирајќи дека заштедата на енергија, всушност значи заштеда на трошоците.
Амбасадорот истакна дека добрите владини политики можат да поттикнат и да стимулираат ваков вид на зелени инвестиции и да создадат нови индустрии.
„Република Македонија, како држава кандидат за членство во Европската Унија е исправена пред предизвиците за ефикасно справување на сериозни реформи во енергетскиот сектор. Употребувајќи една третина од вкупната енергија која се троши во Македонија, со висока непостојаност на цените и жестоката конкурентност за место на регионалниот и европскиот пазар на нивните производи, индустриските фирми е потребно подобро да го анализираат сопствениот начин на потрошувачка на енергија и да ги прилагодат своите организациони способности кон подобро управување со нејзината употреба . Со стратегиите за искористување на обновливите извори на енергија и за унапредување на енергетската ефикасност во Република Македонија, се очекува до 2020 година 20% од енергијата во Република Македонија да биде од обновливите извори“, рече Владимир Пешевски, вицепремиерот задолжен за економски прашања.