Следните 48 часа ќе бидат клучни за судбината на Украина, истакнал поранешниот претседател на Полска, Александар Квашњевски пренесуваат полските медиуми.
„Се ќе се реши во следните 48 часа. Ако поддржувачите на европската интеграција на Украина останат цврсто на својата одлука, ако успеат да ја задржат динамиката на демонстрациите, претседателот Виктор Јанукович ќе почне да прави отстапки, ќе се согласи да отпушти некои од министрите, дури можеби и премиерот. Ако демонстрациите сепак почнат да ослабуваат, ќе бидат имплементирани остри мерки за решавање на ситуацијата“, рекол Квашњевски.
Според него Јанукович нема однапред определен план за акција и ќе дејствува според ситуацијата, со единствена цел да го врати мирот и да си обезбеди реизбор во 2015 година.
Квашњевски истакнал дека сега властите во Украина се многу посилни отколку во времето на Портокаловата револуција. Тој, сепак, посочил дека владејачката Партија на регионите може да го изгуби мнозинството во Парламентот и тогаш Јанукович ќе треба да формира Влада на национално единство.
„Но, тоа не значи дека тој ќе поднесе оставка“, објаснил Квашњевски.