За Дојран, повеќе не може да се каже дека е заборавената општина од јужното ќоше на Македонија, напротив, Дојран денес е општина која брзо се развива и стана една од поинтересните дестинации за инвестирање во Македонија, вели градоначалникот на општина Дојран, Борче Стамов кој денеска даде отчет за сработенот во изминатите шест месеци.
„Во изминатите шест месеци, од вкупно 83те ветени проекти во изборната програма, целосно се реализирани 14 од нив, а почнати се и 28 други проекти или вкупно 50 отсто од проектите во програмата. Со ова темпо на работа, со оваа динамика, која дополнително ќе ја зголемиме со планираното доекипирање на општината и јавното претпријатие, очекувам општина Дојран да биде меѓу првите општини во Македонија со целосно реализирана програма’, вели Стамов.
Тој истакна дека оваа година Дојран ја имаше најуспешната туристичка сезона во последните 10 години.
„Во пресрет на летната сезона, беа преземени низа мерки за организиран и спремен пречек на туристите и гости кои, престојувајќи во Дојран, неколкупатно го зголемуваат бројот на жители во Општината. Беше отворен туристичко-информативен центар, кој ја спроведе доста успешната акција за категоризација на приватните издавачи, а на крајот тоа резултира со 30 отсто зголемување на приходите по основ на наплата на туристичката такса. Јавното комунално претпријатие спроведе повеќе мерки за решавање на старите проблеми со паркинг и пазаришен простор. Организираниот пристап кон овие проблеми, донесе зголемување од скоро 50 отсто на приходите собрани по основ на паркинг и комунални такси, споредено со 2012 година“, вели Стамов.
Стамов истакна дека за разубавување на туристичкиот дел на езерото беше поставено понтонско пристаниште, а уредени беа шест плажи.
„Знаејќи дека најголема забелешка на туристите во Дојран се токму плажите, со поддршка од Владата беше објавен повик за прибирање на идејни решенија за уредување на 7 плажи во должина од 2000 метри. Во тек е изработката на основните проекти, по што ќе следуваат градежните работи за нивно уредување. Дел од нив, треба да бидат готови до наредната летна сезона, кои комплетно ќе го променат имиџот на Дојран“, вели градоначалникот на Дојран.
Во тек е изработката и на основен проект за продолжување на рекреативната патека од Стар до Нов Дојран во должина од 3,5 километри чија реализација ќе почне во 2014 година.