Реномираниот универзитет ФАМУ вратите за студентите на факулетот во Охрид ќе ги отвори кон крајот на март, најдоцна април , истакна денеска премиерот Никола Груевски.
Одговарајќи на новинарско прашање, премиерот појасни дека дисперзираните студии на еден од најстарите факултети за филмска уметност од Чешка ќе почнат со последипломски студии за филмско сценарио на англиски јазик.
Академија за филмска и телевизиска уметност-ФАМУ од Прага ќе овозможи настава во рамките на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип. Како што истакна премиерот Груевски, од ФАМУ оцениле дека во Македонија недостасуваат студии за филмско сценарио, па затоа нивниот прв чекор ќе биде токму на тој смер. Но,постепено ќе продолжат да воведуваат и други смерови, како режија, филм и продукција.
Бидејќи наставата ќе се одржува на англиски јазик, премиерот посочи, дека новиот филмски образовен центар во Охрид ќе стане регионален центар на ФАМУ.
Премиерот Груевски потенцираше дека дипломата од дисперзираните студии во Охрид ќе биде заедничка со дипломата на ФАМУ и ќе биде идентична по квалитет, што е од особено значење за идните сценаристи.