Криштоферсен победи на ноќниот слалом и расплака 45.000 Австријци

Младиот норвешки скијач Хенрик Криштоферсен е победник на ноќниот слалом во Светскиот куп, во познатиот австриски скијачки центар Шладминг.

Хенрик (19) на вечерниот спектакл во присувство на 45.000 гледачи триумфираше со вкупно време од 1:47.43 минути со што им го расипа славјето на домашните натпреварувачи и навивачи.

Ова беше негов прв триумф во Светскиот куп. Водечки по првата трка беше Австриецот Марио Мат, а Норвежанецот заостануваше девет стотинки . Но, Мат во второто возење направи голема грешка и остана без пласман, а Норвежанецот вешто го искористи тоа и ги раплака Австријците.

Второто место му припадна на главниот адут на Австрија, Марсел Хиршер, додека на третото место се пласира Германецот Феликс Нојројтер. Ова беше последна трка пред почетокот на Зимските олимписки игри во Сочи.