Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан изјави дека Европа има морална обврска да ја обезбеди европската перспектива на Македонија, меѓу другото и во интерес на стабилноста на регионот, поради што ќе бидат разгледани две поглавја од пристапните преговори со ЕУ, пренесува МИА.
Зборувајќи во Атланскиот Совет во Вашингтон, комесарот Хан додаде дека, од друга страна, доколку политичката криза не се разреши, Македонија може да ја загуби досега добиената препорака за отворање преговори.
На договорот кој беше потпишан во вторникот, за кој Хан рече дека САД и Европската Унија служат како се сведоци, му претходела дискусија меѓу власта и опозицијата за терминот за одржување на предвремните избори, при што имало барања тие да бидат одржани и поскоро. Пред да се извршат изборите, појасни Хан, треба да се модификува изборниот законик и да се разгледа избирачкиот список, притоа додавајќи дека и последните избори во 2014 година, како и претходните избори, добивале генерално позитивен извештај. Во врска со аферата прислушување, Хан побара СДСМ да се врати во Собранието каде би се испитале обвинувањата, како и судска разврска.
– Значи, овој договор беше потпишан од претставниците на четирите најголеми партии во земјата и сведоци беа амбасадорот на Европската унија и на САД, кои ни се приклучија при крајот и беше корисно што беа таму. Целосно сум свесен за ситуацијата во земјата и имаше дискусии меѓу опозицијата и Владата кога е најпогодното време за нови избори, бидејќи е неопходна подготовка. Постојат некои несовршености што треба да се завршат, да се модифицира изборниот законик, да се разгледа избирачкиот список и некои други елементи. Од друга страна морам да кажам дека последните избори како и неколку претходно во земјата и во регионот беа набљудувани од ОБСЕ и имаше генерално позитивен извештај, во кој беа наведени некои неправилности, но генерално беше позитивен извештај за изборите што беа одржани во април минатата година, изјави Хан.
Атлантскиот совет е американска тинк тенк организација која се залага за проширување на НАТО и на Европската Унија. Во своите забелешки пред Советот, комесарот Хан изјави дека политичката криза во Македонија делумно се должи на попречувањето на македонските евро-атлански интеграции, поради што Европа сега има и морална обврска да ги исполни ветувањата, и поради што ќе се разгледаат подрачјата 23 и 24 од пристапните преговори.
Од друга страна, Хан побара од македонските партии да бидат конструктивни, велејќи дека доколку политичкиот договор не биде спроведен, Македонија може да ја загуби препораката за отворање на преговорите која ја добива од 2009 година.
– Во 2005-та година поранешната југословенска Република Македонија доби кандидатски статус како за земја можна членка на ЕУ, а во 2008 година ветување за приклучување кон НАТО. Двете работи не се случија и сега се гледаат последиците. Тоа сега е неопходно и тоа е причината зошто јас се вклучив како морална обврска, но исто така и бидејќи не се работи само за земјата, туку и за регионот. Не треба да се потценуваат политичките последици ако оваа земја не функционира со оглед на етничките тензии и елементи. Затоа имаме голем интерес да го решиме ова. За да се одржи барем европската перспектива, земјата треба да се справи со домашните несовршености и проблеми. Сега имаме многу сериозна внатрешна криза и се надевам со договорот од минатиот вторник направивме огромен чекор напред. Затоа што им понудивме, ако сакате морков, но истовремено и стап, да ги разгледаме подрачјата во земјата од фундаментално значење како веќе да имаме започнати преговори со нив. Во Европската унија имаме поглавја 23 и 24, по кои преговараме со идните можни земји членки. Овие две поглавја се однесуваат на владеењето на правото, слободата на медиумите, независноста на судството и така натаму. Ние ќе ја примениме оваа методологија и истовремено ќе ги подготвуваме новите избори како што се договоривме, за да има фер, транспаретни и разумни избори. Се надевам дека ова ќе придонесе за да се стабилизира земјата и ќе ја врати на европската и евроатланската перспективa, изјави Хан.
Еврокомесарот ја продолжува посетата на САД. Досега тој се сретна со помошникот државен секретар Викторија Нуланд, со сенаторот Кристофер Марфи и со раководството на агенцијата УСАИД. Во петок, Хан ќе се сретне со заменикот државен секретар Ентони Блинкен и со функционери од Белата куќа и од Конгресот.