Гео порталот ќе ги обезбеди сите важни податоци на едно место

Владата го усвои предлог-законот за национална инфраструктура за просторни податоци. Просторните податоци претставуваат значаен дел од нашиот живот и не се однесуваат само на податоци од просторниот аспект туку на животната средина, здравјето и сигурноста на луѓето.Со негово имплементирање ќе се даде еден нов квалитет на животот на граѓаните и на бизнис секторот.

„Со предложениот закон се уредува опфатот,организационата структура, воспоставувањето, одржувањето и управувањето со националните инфраструктурни просторни податоци (нипп) како и услугите кои се однесуваат на збирките на просторни податоци.Целта на воспоставување на националната инфраструктура на просторни податоци е насочена кон пристапот, размената, употребата и дистрибуцијата на стандардизирани просторни податоци и услуги на ефикасен, ефективен и усогласен начин,“ изјави вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.

Преку овој систем сите просторни податоци од сите државни институции ќе се соберат во еден национален гео-портал кој ќе ги собира, координира просторните податоци ќе управува со нив, ќе прави различни анализи и истите графички ќе бидат достапни до сите граѓани на Македонија.

„Преку воведување на системот на национална инфраструктура на просторни податоци, граѓаните ќе имаат пристап до огромен број на податоци. Почнувајќи од тоа која е најблиската бензинска пумпа, катастарски податоци кои се однесуваат на зададената предметна локација, детални урбанистички планови од општините, кои се најблиските патишта, која е подземната и надземната инсталација на дадена локалција, статистички податоци кои се однесуваат на локацијата која би се реализирала од аспект на структура на население, невработеност, ќе бидат достапни метеоролишки податоци што се однесуваат на дадената локација, податоци врзани за земјоделието. Ќе има податоци за локациите за други стопански објекти кои се наоѓаат во близина на предметната локација која ве интересира,“ потенцираше Пешевски.

Од овој систем голема придобивка ќе имаат државните институции за креирањето на политики и нивното планирање и следење на спроведувањето, ќе се овозможи развој на нови владини услуги базирани на веб решенија наменети за граѓаните, преку е-влада системот, побрз одговор на итни ситуации и непогоди како и подобро управување со инфраструктурата, природните ресурси и историските богатства со кои располага државата.

За да се воспостави системот потребна е соработка меѓу 17 државни институции кои во овој момент располагаат со вакви просторни податоци, но и со Стопанските комори. За да се имплементира проектот ќе се формираат неколку тела како Советот за национална инфраструктура на податоци, ќе биде формирана и Комитет, и организациона единица формирана од Агенцијата за Катастар.

До крајот на 2014 година системот треба да биде воспоставен во Агенцијата за катастар и постепено како што државните инстутиции ќе ги дигитализираат податоциите, тие ќе се испраќаат во гео порталот.Првите податоци и анализи треба да бидат достапни една година од сега и со тек на време, богатството на информации ќе расте.Податоците ќе се ажурираат тековно.

Директорот на Агенцијата за катастар, Славче Трпески исткна дека промоцијата на Законот е резултат на повеќегодишна напорна работа која се одвиваше во Агенцијата за катастар на недвижности.

„Ниппот ќе значи креирање и подобрување на податоци. Точни и просторни геопросторни податоци како основа за донесување на владини одлуки поврзани со просторот. Сите геопросторни податоци ќе бидат достапни на едно место за сите граѓани и компании,“ изјави Трпески.

Инвеститорот доколку сака да инвестира со помош на овој гео-портал ќе има увид во градежните, катастарските парцели, конфигурација на терен близина на инфраструктура, број на жители, невработени.