Доколку на референдумот надвладее „да“, грчкиот министер за финансии, Јанис Варуфакис ќе поднесе оставка.
– Ако надвладее „да“, јас во понеделник вечер нема да бидам министер за финансии, истакна Варуфакис во интервју за Блумберг.
Како што јави дописникот на МИА од Атина, тој рече дека очекува од грчките гласачи да ги следат препораките на Владата и да го отфрлат предлогот на кредиторите кои, како што рече, ќе бараат дополнително зголемување на даноците и намалување на трошоците во замена за континуирана помош.
– Попрво ќе си ја исечам раката отколку да потпишам нов договор со кој не се реструктуира јавниот долг, изјави грчкиот министер за финансии.