
Македонија во следните неколку денови ќе биде под влијание на многу топла воздушна маса што ќе предизвика позначителен пораст на дневните температури. Особено топло ќе биде во среда и четврток, кога во југоисточните делови се очекуваат и до 40 степени.
Според Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), во четврток попладне ќе настапи преодно наоблачување со локален, повремено пороен дожд и грмежи. Во петок ќе биде променливо облачно со повремен локален дожд и умерен северен ветер што ќе ги намали дневните температури за три до четири степени.
Од сабота повторно ќе биде стабилно со благ пораст на дневните температури.
Времето денеска е претежно сончево и топло со мала локална облачност. Дува слаб до умерен ветер од северен правец, а максималната температура е во интервал од 29 до 36 степени.

Биометеоролошките услови се лоши. Во пладневните часови кај поголемиот број луѓе можна е појава на главоболки, но и болки во колената, грбот и вратот. Вечер е можна општа слабост, а кај некои и чувство на тежина во главата. Во ноќните часови болките од ревматски карактер, но и оние од артритични промени, ќе бидат поизразени. Слично ќе биде и утре.