Македонска книжевност на саеми на книгата во Франкфурт, Софија и Истанбул

Со поддршка на Министерството за култура, до крајот на годинава македонското книжевно творештво ќе биде претставено на меѓународните саеми на книгата во Франкфурт, Софија и на саемот во Истанбул.

knigaaa

Меѓународниот саем на книгата во Франкфурт, кој ќе се одржи во периодот од 14 до 18 октомври, е, несомнено, најзначаен меѓународен саем на книгата во светски рамки со застапеност на речиси сите значајни субјекти во издавачката дејност, како и на сите релевантни институции поврзани со издаваштвото, фондови за превод и публикување, национални штандови, библиотеки итн. Република Македонија на  оваа 66-та значајна саемска манифестација ќе ја претставува Здружението на издавачите и книжарите на Македонија од Скопје.

Покрај промоција на творештвото на реномираните автори од Република Македонија пред многубројните странски издавачи, преведувачи, агенти и посетители на Саемот во Франкфурт, ќе биде посебно промовиран и Конкурсот за финансирање на преводи на странски издавачи на репрезентативни и квалитетни дела од македонската книжевност на странски јазици кој го спроведува Министерството за култура со цел поттикнување на творештвото, афирмација на статусот на авторот и промоција на културата на Република Македонија во меѓународен контекст.

Во периодот од 7 до 15 ноември 2015 година Здружението на албански издавачи и Сојузот на албански издавачи ќе ја претставуваат Република Македонија на  34-тиот Саем на книгата во Истанбул. На оваа најзначајна саемска манифестација во регионот на која присуствуваат издавачи од целиот свет ќе бидат презентирани  дела од најпознатите македонски и албански автори како и дела на автори од другите националности кои живеат во Република Македонија.

По неколкугодишна пауза, од 10 до 15 декември македонската кинижевност ќе биде претставена на Саемот на книгата во Софија. На оваа саемска манифестација, Република Македонија ќе ја претставува Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ . Овогодинашното претставување на саемот на книгата во Софија ќе биде насочено кон презентирање на современата книжевна традиција, културната историја и културното наследство на Република Македонија. На македонскиот штанд, активностите ќе бидат насочени кон промоција на современите македонски автори со претставување на актуелните книжевни остварувања во македонската литература и претставување на најновите преводи од македонски на бугарски јазик кои се реализирани преку Конкурсот за финансирање на преводи на странски издавачи на репрезентативни и квалитетни дела од македонската книжевност на странски јазици. Во претставувањето на РМ на Саемот во Софија, покрај друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“, активно ќе биде вклучен и КИЦ на Република Македонија во Софија, со што несомнено ќе се овозможи побогата промоција на македонската литература и култура.

Република Македонија е една од земјите во светот која обрнува големо внимание на унапредувањето на книжевниот амбиент во земјава и континуираното присуство на светските настани од областа на книжевната дејност. Македонското литературно творештво во изминатите години редовно беше претставено на позначајните меѓународни саеми на книгата во: Франкфурт, Софија, Москва, Гетеборг,  Лајпциг, Париз, Болоња, Тирана, Белград и Истанбул.