Американскиот помошник државен секретар Викторија Нуланд задолжена за европски и евроазиски прашања денеска ќе ја посети Македонија. Таа ќе се сретне со министерот за надворешни работи Никола Попоски и со претставници на политичките партии.
Како што соопшти МНР, на средбата ќе се разговара за досегашниот развој на односите меѓу двете држави втемелени во Декларацијата за стратегиско партнерство и соработка, како и за взаемно истакнатиот интерес за нивно натамошно унапредување во сите области од заеднички интерес.
На средбата се очекува да се потврди стратегиската определеност на Македонија за членство во НАТО и Европската унија, а од македонска страна ќе биде пренесена и благодарноста за американската поддршка за македонскиот интегративен процес, како и за препознавањето на исполнувањети на стандардите за членство во НАТО.
Се очекува Нуланд да оствари средби и со претставниците на политичките партии до кои од Дубровник упати повик да ја искористат можноста што им се нуди и да го спроведат договорот за нормализирање на политичката состојба.
– Нашата порака до Македонија е еднакво цврста. Пред вас е голема можност за единство и просперитет. Пред вас е членство во НАТО и во Европската Унија. Но, големите политички партии мора да престанат да се расправаат и да појдат по патот на демократски реформи кој Еврокомесарот Јоханес Хан го подготви со поддршка од Соединетите Американски Држави, а потоа да се фокусираат на решавање на спорот за името со Грција. Немојте да ja пропуштите овaa можност, изјави Нуланд во своето обраќање во Дубровник.
По Нуланд во вторник во Македонија најавено е доаѓањето на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан кој ќе се обиде да издејствува договор меѓу политичките лидери во земјата со цел ставање крај на политичката криза.