Еврокомесарот за преговори за проширување и европска соседска политика Јоханес Хан претпладнето во ЕУ Инфо центарот се сретна со претседателите на ДУИ и на ДПА, Али Ахмети и Мендух Тачи, пренесе МИА.
Посредниците и лидерите бараат решение за политичката криза во земјава. Хан и тројката европратеници Иво Вајгл, Ричард Ховит и Едвард Кукан, попладнево во резиденцијата на ЕУ во Пржино имаат средба со лидерот на СДСМ Зоран Заев, кој е придружуван од Радмила Шекеринска и Рената Тренкоска Дескоска.
Се очекува Хан и европратениците да се сретнат и со премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
Според најавата од Европската комисија, по поединечните средби со лидерите на четирите најголеми политички партии, треба да се одржи и заедничка лидерска средба.
За доцна попладне е најавена прес-конференција на која еврокомесарот Хан ќе ги соопшти резултатите од разговорите со партските лидери за надминување на политичката криза.
Основа за постигнување конечен договор, како што велат од ЕК, е договорената рамка од 2-ри јуни што предвидува итни реформи во неколку области и одржување на вонредни парламентарни избори најдоцна во април 2016 година.