Српскиот стручњак, според Заре Марковски, од неодамна спортски директор во МКФ, побарал да биде исплатен пред почетокот на подготовките и во готово што било неприфатливо за раководството на федерацијата. Тоа отворило простор за сомнеж, па, и покрај желбата за продолжување на соработката, како што вели Марковски, сепак, заврши со разрешување на српскиот стручњак од функцијата селектор во националниот тим. На ова упатува Заре Марковски, од неодамна спортски директор во МКФ и ментор во стручниот штаб на новиот кормилар Марјан Србиноски.
Или исплата однапред или не почнувам со тренинзи, го пренесува Марковски ставот што го имал и застапувал Џикиќ во разговорите.
Марковски притоа истакна дека сомнежите се јавиле при првата средба меѓу претставници на МКФ со Џикиќ на 15 јуни во, како што вели спортскиот директор, неговиот град.
Се ставивме на маса со желба да продолжиме каде што застанавме. Го прифативме стручниот штаб и календарот на подготовки, но кога дојде на ред економскиот надоместок се јави проблем. Џикиќ рече дека би почитувал продолжување на досегашната практика на исплата. Однапред и во готовина пред првиот тренинг. Многупати му беше кажано дека ова не е приватна репрезентација, туку на Македонија. Се обидов да ја смирам ситуацијата и комуникацијата, но претседателот Петар Наумоски рече дека проблемот ќе ескалира. Како одминуваше времето и недовербата растеше при меѓусебната комуникација, па во неделата и јас кренав раце, образложува Марковски и по тоа прашање потенцира дека МКФ нема заостанати обврски кон Александар Џикиќ.
Докузовски со демант: Не е точно дека ме контактирале да бидам наследник на Џикиќ
Спортскиот директор на Македонската кошаркарска федерација (МКФ), Заре Марковски, на денешната прес-конференција изјави дека предводниците на макбаскетот пред да го назначат Марјан Србиновски за наследник на Александар Џикиќ тие контактирале со најуспешниот селектор одсега – Марин Докузовски, што веднаш е демантирано од искусниот стратег.
Со мене никој не разговарал и навистина не знам зошто се споменува моето име во една ваква констелација. Лага е дека Марковски контактирал со мене, бидејќи последен пат, барем во последните две недели, со него контактирав со СМС кога од мене го бараше бројот од сега новиот селектор Србиновски, ни изјави Докузовски.
Тренерот на Работнички воедно се прашува зошто Стручниот совет не бил консултиран по прашањето околу новиот предводник на националната селекција.
Ме чуди зошто е именуван селектор без воопшто да се консултира телото, чија задача е да дава предлози за стручниот дел од работата во македонската кошарка. Нормалниот пат е да се праша советот, а потоа да се избере селектор. Не ми се допаѓа насоката во која се двиат работите, но ќе видиме што ќе излезе на крајот од целата ситуација, дополнува Докузовски.
Со свој став околу демантот на Докузовски се јави и Марковски
Како што наведува Марковски, изненаден е од реакцијата на неговиот другар од школската клупа, Марин Докузовски, кој тврди дека Спортскиот директор на МКФ лаже.
Јас, Заре Марковски, под морална и материјална одговорност, со доказ на телефонските табулати за разговорите на 07/07/2015 што ги водев од патот кон Скопје, кон телефонскиот број на Марин Докузовски, по налог на Претседателот на МКФ Петар Наумоски по мојот состанок со Поранесниот селектор Џикиќ во Белград, го посетив неговиот дом на улица Рузвелтова во Скопје, во 21,30 часот каде што на моето прашње дали кога и да е би се вратил на селекторската функција, добив негативен одговор”. Мило ми е што Докузовски жали за смената на Џикиќ и пресудува дека требал да биде нашиот предводник на Евробаскет 2015, а по повод критиките за работата на Сојузот, како неконсултиран член на Стручниот Совет при што упатува критики за легалноста на изборот на Србиноски реплицирам со Членот 30 од Правлиникот За Државните Репрезентации на МКФ:
“Секоја државна репрезентација наведена во овој Правилник ,има свој селектор, кој го именува УО на МКФ, на предлог на Стручниот совет или Директорот на национални репрезентации”… како потврда за несериозноста, тенденциозноста и приватниот интерес во критиките кон актите на Сојузот, што јас како последен ќе ги напуштам.
Заре Марковски
Очигледно дека ова „препукување“ помеѓу нашите врвни кошаркарски работници ќе продолжи, но во интерес на сите е што побрзо да заврши, особено што веќе утре започнуваат подготовките на машката репрезентација за Европското првенство во Хрватска.