Македонски државјанин е ообвинет дека ограбил богата балерина во Данска. Назим Далимов (51) доби казна пет години затвор и доживотно протерување во Македонија за грабежот на околу 160.000 евра од домот на богата балерина во Данска, пишува весникот „Дневник“.
Судот во данскиот град Хелсингер ја изрекол оваа казна против Далимов, кој бил единствениот од тројцата разбојници што е уапсен за ланскиот грабеж на богатата аристократка. Нападнатата жена Фрици Kох, која одвај останала жива по грабежот, е поранешна балерина и бивша сопруга на политичарот и адвокат Kристијан Kјаер од Данска.
– Ме оставија да умрам. Бев врзана по целото тело и бев буквално без воздух, а само благодарение на моите силни нозе успеав да се ослободам и денеска сум жива, им рекла поранешната балерина на истражните органи.
Грабежот се случил минатата година
Инаку грабежот се случил на 14-ти април минатата година во луксузниот дом во местото Рунгстед, во близина на Kопенхаген, каде што седумдесет и осумгодишната поранешна балерина живеела сама.
Вечерта во 22.30 часот разбојниците влегле во луксузната куќа. Пензионираната балерина гледала телевизија во дневната соба кога одеднаш чула чудни звуци како доаѓаат од правец на спалната собра.
Отишла да провери што се случува и кога го запалила светлото, одеднаш еден од нив ја зграпчил од зад грб за вратот и ја удрил. Таа паднала на земја, по што разбојниците ја врзале и ја излепиле со леплива лента безмалку по целата глава. Таа одвај дишела и неколкупати се онесвестила.
Жената успеала да ги ослободи нозете и да излезе надвор, иако се уште имала врзани раце, а лепливата лента била по целата глава. По ослободувањето успеала некако да дојде до вратата на соседите за да побара помош. Првиот сосед слушнал чудна врева и излегол да види што се случува. Бидејќи било ноќ, кога ја отворил влезната врата, се шокирал и се исплашил.
Далимов тврдел дека е невин
Македонскиот државјанин Далимов е единствениот обвинет и осуден. Тој тврдел дека е невин, односно дека зад грабежот стојат Албанец и Романец, но не го открил нивниот идентитет оти наводно не го знаел.
Судењето почнало овој месец и траело неколку дена. Далимов, за кого верува дека ограбил богата балерина, доби пет години затвор и по барање на обвинителот Kристина Шонстед судот досудил и доживотно протерување на странецот.