256 мигранти во ЈЗУ добиле здравствена заштита

256 мигранти во ЈЗУ добиле здравствена заштита
256 мигранти во ЈЗУ добиле здравствена заштита

МВР денеска соопшти дека здравствена заштита им е пружена на 256 мигранти во ЈЗУ.

Дезинфекција на објекти и вакцинација на мигранти

На влезна точка Гевгелија, согласно препораките на Светска здравствена и организација на мигрантите овозможена им е вакцинација против сипаници, заушки и црвенка (МРП), како и против детска парализа (ПОЛИО), за која досега се согласиле да ја примат и се вакцинирани  50 лицa.

Секојдневно од страна на Центрите за јавно здравје, се посочува во соопштението, се спроведува дезинфекција на просторот на железничките станици и околината каде се задржуваат мигрантите во Гевгелија Куманово,Табановце  на површина од 2600м2/дневно, како и дезинфекција на возовите кои сообраќаат на релација Гевгелија- Куманово/Табановце на површина од 2000м2 /дневно.

Во однос на активностите на мобилните тимови на Црвен крст изминатиот викенд пружиле прва помош на вкупно 370 лица, од кои 169 интервенции на мигрантите кои пристигнале на железничката станица Табановце, а останатите 201 интервенции на желеничката станица во Гевгелија.

Екипите на Црвен крст, поради идентификуваната сериозна здравствена состојба, извршиле транспорт на 5 лица до гевгелиската општа болница. По укажаната медицинска асистенција, лицата во стабилна состојба ја напуштиле болницата.

За време на викендот, екипите на Црвен крст, лоцирани на железничките станици во Табановце и Гевгелија,  дистрибуирале вкупно 483 шишиња вода, 67 пакети со храна, 64 хигиенски пакети за жени, 48 хигиенски пакети за мажи, 38 пакети за самопомош и 53 пакети за бебе, пренесува МИА.

Секојдневно илјадници мигранти

Министерот за внатрешни работи, Митко Чавков минатиот месец во интервју за Прес24 потенцира дека секојдневно во Македонија која е транзит земји се обидуваат да влезат илјадници мигранти.

Покрај потребата од национален одговор во идентификувањето и сузбивањето на криминалните мрежи и управувањето и заштитата со мигрантите, потребна е итна акција во рамките на Обединетите нации и Европската унија за да се изгради кохерентен и сеопфатен пристап за справување со предизвиците кои произлегуваат од миграцијата. Илјадници мигранти зад границата со Грција прават обид за влез во Македонија, територија која се користи како транзит, вели Чавков.

Издадени 5.005 потврди на мигранти за само десет дена

Врз основа на измените и дополнувањето на Законот за Азил од 18.06.2015 година, Министерството за внатрешни работи отпочна со издавање на потврди за искажана намера за поднесување на барање за признавање право на азил во Република Македонија на странските државјани кои илегално влегуваат на нашата територија.

Како што информираат од Министерството, во периодот од 19.06.2015 до 29.06.2015 година во 08 часот, издадени се потврди на 5.005 странски државјани, од кои, 3.973 се од машки пол, 597 се од женски, а 425 се деца кои го придружуваат носителот на потврдата и десет деца на кои им е издадена потврда за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил. Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија- 3.180, потоа Авганистан- 479, Ирак- 321, Пакистан- 250, Сомалија- 245,  додека останатите се во помал број.