Алексис Ципрас, oткако ги распиша вторите за оваа година парламентарни избори во Грција, се надева дека ќе успее во својот втор, за ова лето, голем политички влог во обид да ја зголеми својата популарност и да си обезбеди мандат за исполнување на третиот спасувачки пакет за својата земја, кој официјално почнува за една неполна недела, пишува весникот „Ајриш Тајмс“, пренесува Нетпрес.
Откако минатат недела Ципрас доби силна поддршка за тешкиот спасувачки план, со помош на главните опозициски партии во парламентот, но за цена на бунт на околу 25 отсто од пратениците од неговата партија СИРИЗА, сите очкуваа премиерот да поднесе гласање за доверба на неговата влада подоцна овој месец. Иако Ципрас можеше да добие поволен резултат за себе само со поддршката на другите партии, кои сакаат да го остават на власт, но истовремено и сакаат политички да го навредат, тој сепак ја одбра поризичната опција.
Одлуката да распише избори, и тоа толку рано по почетокот на третиот спасувачки пакет, едноставно ги изненади неговите опоненти во СИРИЗА, чии барања за итна средба на централните партиски органи беа пресретнати со предлогот за свикување на вонреден конгрес на партијата во септември, годинава.
Сега е сигурно дека тој конгрес нема да се одржи, што ќе ја обезбеди одржливоста на СИРИЗА во овој период на огромна внатрепартиска несигурност и недоверба. Во една ваква ситуација, парламентарните избори ќе бидат одлучувачки и за иднината на партијата на Ципрас.
Во претстојниот месец на гласање, „левата струја“ во структурата на СИРИЗА, која на третиот спасувачки пакет гледа како на предавство за левите принципи на партијата и во рамки на која се обединети повеќето незадоволни пратеници, нема да има многу време да се прегрупира како посебна политичка единица, ако, како што се очекува, нејзините припадници бидат исклучени од листата на СИРИЗА.
Непосредно пред Ципрас да ја објави својата оставка, еден од пратениците бунтовници изрази увереност дека оние гласачи, кои во јули на референдумот ја отфрлија зделката со кредиторите, знаат за кого да гласаат на избори.
– Ако отидеме на избори, јасно е дека силите кои стојат зад она гордо и категорично „не“, ќе најдат начин да се појават под политичката форма на голем патриотски и демократски фронт против меморандумот, кој ќе има за цел обезвреднување на спогодбата. Борбата ќе продолжи. 62 отсто од грчкиот народ е зад нас, изјавил Димитрис Стратулис, кој ја загуби својата функција министер за социјална политика, откако гласал против владата.
Седум месеци откако дојде на власт со антирестриктивна платформа, Ципрас ги има сите можности за апсолутно мнозинство, ако се гледа според последната анкета, која покажа рејтинг на неговата партија од 40 отсто, или предност од 20 отсто пред опонентите. Но, бидејќи анкетата била направена во јули, годинава, односно пред гласањето во парламентот за третиот спасувачки пакет, резултатите може да не ја одразуваат моментната популарност на Ципрас.
Датумот на изборите, исто така, е од големо значење, бидејќи гласањето е пред рокот за исполнување на најболните услови од новата спасувачка програма.
Меѓу нив се воведувања на непопуларните даноци за имотите, кои СИРИЗА вети дека нема да ги воведе, потоа кратењата на социјалните придобивки за пензионерите, како и големото зголемување од први октомври на акцизите за дизел горивото за земјоделските машини од 6,6 на 20 евроценти за еден литар.
На политички план, пак, Ципрас ќе се обиде да заработи од недостатокот на убедлива алтернатива меѓу трите главни опозициски партии – конзервативната „Нова Демократија“, левичарскиот блок на ПАСОК, и партијата од центарот „Потами“. Главна поента е тоа што е ниту една од овие три политички опции не успеа да создаде лидерска фигура, која може да се исправи против популарноста на Ципрас.