Министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, кој денес беше во обиколка на позициите на Армијата на јужната граница укажа и на потребата за поголема помош од меѓународната заедница и од Европа, имајќи предвид дека оваа криза го засега цел континент.
Армијата е тука во Гевгелија да им помогне на останатите институции на Република Македонија, но и на мигрантите. Со изградбата на овој транзитен центар и се помогна на Гевгелија и најзините граѓани да се чувствуваат побезбедни. Воедно им се помогна и на мигрантите соодветно да се регистрираат и да поефикасно да транзитираат низ Македонија кон нивните дестинации, истакна Јолевски, кој го посети и транзитниот центар во кој се врши регистрација на мигрантите кои влегуваат во Република Македонија од Република Грција.
При посетата на транзитниот и регистрационен центар, министерот Јолевски се сретна и со претставникот на УНХЦР за Македонија, Мохамад Ариф, при што беше изразено задоволство од ангажманот на Армијата и на другите институции.
Работиме заедно со сите инситуции и имаме голема помош, особено од Министерството за одбрана кои ни помогнаа да ги поставиме овие структури. Заедно сме сите во овој момент на криза и правиме сè што можеме за да овозможиме респектабилен престој на мигрантите кога ќе дојдат во земјата, истакна Ариф.