Денеска во обвинителството за организиран криминал и корупција е отворен предмет за сведочењето на Слободан Богоевски пред њујоршкиот суд во кое тој посочува дека поранешни и актуелни функционери добивале мито од грчкиот бизнисмен Димитрис Кондоминас, објави ТВ „Телма“.
Од прес службата потврдија дека во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција веќе е отворен предмет по допрен глас, по кој надлежното обвинителство ќе преземе натамошни активности.
Сендреи контра Шекеринска: Лесно ќе се разбереме со Владата
Доказите врз основа на кои Окружниот суд во Њујорк постапува по корупцискиот скандал „Телеком“ покажуваат дека во 2005 година Владата на Владо Бучковски и Радмила Шекеринска воопшто не била проблем во амбициите на „Македонски Телекомуникации“ и „Маѓар Телеком“ да задржат монополска позиција на пазарот во Македонија, напротив, според Сендреи, Владата многу лесно ќе била „убедена” да усвои закон за зачувување на монополот на неговата компанија. „Република“ веќе објави дека, во документ подготвен од страна на директорот на „Македонски Телекомуникации“, Атила Сендреи, кој со години се крие од кривичното обвинение во Македонија, тој наведува дека на Радмила Шекеринска и’ дал предлог закон за телекомуникации кој бил изработен според интересите на Македонски Телекомуникации.
„Македонски Телекомуникации заедно со Маѓар Телеком во април 2004 година подготвија целосно нов закон за телекомуникации и и го предадоа на госпоѓица Шекеринска. Законот подготвен од страна на Македонски Телекомуникации беше во согласност со барањата на ЕУ. Нашиот совет беше тој текст да биде користен како основа на законот”, пишува во документот подготвен од Сендреи.
Во истиот документ се наведува дека поради притисок извршен не од страна на Шекеринска, туку од страна на Соединетите Американски Држави, преку агенцијата УСАИД, и американската консултантска куќа Буз Ален и Хамилтон, подготвиле нов закон во кој е предвидена либерализација на македонскиот телекомуникациски пазар, со што ова станува барање како на Европската Унија така и на САД.
Појавата на нов закон, спротивен на верзијата која ја подготвиле во Македонски Телекомуникации, предизвикала паника во компанијата и го започнува процесот на нејзино лобирање кон македонските пратеници и Владата со цел да се врати првичната верзија на законот. Во овој процес, во документот на Сендреи се вели дека на располагање се два милиони евра за потплатување на политичарите од коалицијата СДСМ-ДУИ-ЛДП.
Поврзани вести:
„Република“: Сендреи на Шекеринска и дал нацрт закон по мерка на Маѓар Телеком