Катица Јанева и официјално е специјален јавен обвинител. Советот на јавни обвинители доцна синоќа на предлог на Собранието едногласно ја избра Катица Јанева за специјален јавен обвинител. Претпладнево се очекува таа да даде заклетва во Советот, по што ќе ја преземе функцијата.
Со оваа одлука беше испочитуван крајниот рок предвиден со договорот од Пржино за надминување на политичката криза.
Јанева ќе има задача да ги гони кривичните дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконско следење на комуникации.
Новиот специјален јавен обвинител денеска треба да даде свечена заклетва пред Советот на јавни обвинители, со што и официјално ќе ја преземе новата должност.
Собранието едногласно го донесе Законот за специјален јавен обвинител
Пратениците во Собранието на Република Македонија, претходно синоќа го утврдија предлогот Катица Јанева да биде специјален обвинител и го донесоа Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, по итна постапка.
Која е Катица Јанева?
Катица Јанева доаѓа на новата должност од местото обвинител во Основното јавно обвинителство Гевгелија, каде што работеше
од 2003 година.
Родена е на 09.02.1965 година. Студирала на Правен факултет на Универзитетот Св. Кирил и Методиј од 1983 до 1989 година, а правосуден испит положила во 1996 година. Учествувала во повеќе проекти надвор од Македонина за борба против организиран криминал и корупција. Член е на работна група избрана од Здруженито на јавни обвинители на РМ за нацрт закон за јавна постапка. Работи и како предавач на Академијата за судии и јавни обвинители на РМ.
По повод изборот на специјален јавен обвинител, свое обраќање во Собранието на Република Македонија имаше и координаторот на пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ, Илија Димовски. Проследете го обраќањето на следниот линк.