Попоски на Конференција за рутата од Источниот Медитеран и Западен Балкан

Министерот за надворешни работи, Никола Попоски, денеска, во Луксембург ќе учествува на Конференција на високо ниво за рутата од Источниот Медитеран и Западен Балкан на покана на Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на Унијата и Заменик претседател на Европската комисија Федерика Могерини и Министерот за надворешни работи и европски прашања и за миграција и азил на Луксембург, Жан Аселборн.

На конференцијата, како што информираат од Министерството за надворешни работи, ќе учествуваат министрите за надворешни и за внатрешни работи на 28-те земји членки заедно со своите хомолози од земјите од Западен Балкан, Турција, Јордан и Либан. Поканети се и земјите членки на Шенгенскиот договор надвор од ЕУ, Норвешка, Исланд, Швајцарија и Лихтенштајн, како и релевантните меѓународни организации и агенции на ОН.

Конференцијата се организира на барање на Европскиот Совет со оглед на зголеменото значење на оваа рута за зголемениот прилив на бегалци и мигранти кои влегуваат во Европската Унија.