Србија е подготвена за дијалог, но не е и никогаш нема да биде подготвена за признавање на независноста на Косово, изјавил српскиот премиер Ивица Дачиќ, пред Советот за безбедност на Обединетите Нации во Њујорк, појаснувајќи дека земјата ја поддржува нормализацијата на односите во регионот.
„Ги предупредуваме властите во Приштина да не ја сметаат за наша слабост подготвеноста за дијалог и да не ја користат оваа ситуација за афирмација на независноста“, рекол уште Дачиќ за време на дебатите за ситуацијата во Косово.
Српскиот премиер истакна дека ќе се почитува договорот од Брисел од минатата година, што го одбележа почетокот на нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина. Според него, ако нема доверба нема да има и услови за каков и да е договор.
„Мораме да постигнеме основен договор за трајната застапеност на српската заедница во централните институции во Приштина“, додал Дачиќ.