Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ: Со новиот закон ќе се поттикне продолжување и негување на занаетите

Убедени сме дека со нашата поддршка за овој закон, македонските занаети повторно како некогаш ќе го вратат стариот препознатлив сјај и автентичност на производите, додека македонските занаетчии ќе ги поттикнеме да продолжат да ги негуваат и пренесуваат овие занаети на помладите генерации.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ на денешното второ продолжение на 71-та пленарна седница даде зелено светло за Предлог – законот за занаетчиство и го проследи на понатамошно читање.

Во продолжение интегрален текст од соопштението на Пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ:

Како пратеници сметаме дека со предложениот текст на законот за занаетчиство ќе се изврши подобрување на регулативата во делот на занаетчиството, ќе се воведе електронски занаетчиски регистар и занаетчиска дозвола, како и ќе се подобри коморскиот систем.

Преку воведувањето на занаетчиска дозвола се очекува да се обезбеди гаранција и квалитет на производите и услугите кои ги нудат вршителите на занаетчиската дејност. Законот исто така јасно го дефинира односот меѓу Занаетчиската комора на Република Македонија и останатите регионални и општински занаетчиски комори со што Занаетчиската комора на Република Македонија ќе може соодветно да ја извршува својата улога како социјален партнер на Владата на Република Македонија.

Исто така се дефинира и финансирањето на занаетчиските комори односно согласно овој закон, 90% од средствата од извршување на јавните овластувања и коморскиот придонес ќе се прелеат во занаетчиските комори, додека 10% ќе се прелеат во Занаетчиската комора на Република Македонија.

Веруваме дека од големо значење за занаетчиите во Република Македонија ќе биде и воведувањето на електронскиот занаетчиски регистар кој покрај регистрацијата на физичките лица односно занаетчии ќе служи како централна база на податоци со што институциите за развој и поддршка на занаетчиството во Република Македонија во секој момент ќе имаат јасна слика колку занаетчии се регистрирани и од кои сектори. Ова во иднина би требало да придонесе за формирање на јасна слика за занаетите кои се присутни во Република Македонија, како и за можноста за креирање на пореални и поквалитетни политики за развој и поддршка на занаетчиството во нашата држава.

Со законот се воведува и чираштвото кое ќе овозможи невработените лица да бидат ангажирани од страна на работодавците со цел да се стекнат со вештини, компетенции и знаења  за изучување на определениот занает.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ смета дека донесувањето на посебен закон за занаетчиство ќе биде од голема корист не само за занаетчиите туку и за заживување и зачувување на препознатливите македонски занаети кои што со децении наназад биле дел од македонската традиција и култура.

Убедени сме дека со нашата поддршка за овој закон, македонските занаети повторно како некогаш ќе го вратат стариот препознатлив сјај и автентичност на производите, додека македонските занаетчии ќе ги поттикнеме да продолжат да ги негуваат и пренесуваат овие занаети на помладите генерации.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ многупати досега докажа дека секогаш ќе ја дава поддршката кога се работи за прашања за зачувување и негување на македонската традиција, историја и култура бидејќи како претставници на граѓаните во законодавниот дом за тоа сме избрани и претставува наша обврска и задача.