Нема иднина без минато, а минатото е втемелено на нашето име кое сакаат да ни го сменат и тоа мора да го сфати секој Македонец. Интелектуалците од „Македонски Манифест“ синоќа ги презентираа своите ставови пред граѓаните во општина Илинден.
Стефан Влахов-Мицов во својот говор укажа на драматичноста на времето во кое живееме, во смисла на тешката политичка ситуација и генезата на политичката криза создадена со договорот од Пржино. Тој истакна дека непринципиелниот однос на некои држави и институции од ЕУ кон Македонија може да кулминира со обид да се смени името и идентитетот на македонскиот народ.
Повика на будност и внимателност овие месеци и денови, затоа што постои реална опасност во позадина на сета оваа наметната однадвор криза сепак да се наоѓа намера да ни го променат името, што нема да биде дозволено од народот.
Ефтим Клетников говореше за тоа дека уште одамна големите македонски писатели како на пример Блаже Конески, ја сфатиле вредноста на македонското име и предупредиле на опасноста да ни го одземат, и со тоа, да не направат „смачкано племе“. Неразбирливо е како Европа не го признава основното човеково право за самоименување во случајот со македонскиот народ, посебно што вредностите врз кои е втемелена, по француската револуција, недвосмислено го даваат тоа право кое мора да биде универзално односно да важи и за нас како дел од Европа по сите основи. Нема иднина без минато, а минатото е втемелено на нашето име кое сакаат да ни го сменат и тоа мора да го сфати секој Македонец.
Запро Запров укажа на континуитетот на развојот на македонската култура во сите сегменти и огромниот придонес кон севкупната европска и светска култура. И тој ја критикуваше непринципиелноста на современата европска политика кон македонскиот народ.
Дардан Венетски во својот инспиративен говор ја проследи вистинската историја на Европа и клучното значење на Македонија и македонскиот народ. Тој потсети дека официјалната светска историографија е втемелена на митови и полувистини, и дка Македонскиот народ има милениумски идентитет.
Универзитетскиот професор Тони Науновски зборуваше за идеолошката позадина и заблудите кои произлегуваат од терминот хеленизам, од Густав Драгзен до денес, односно на фактот дека хеленизмот всушност произлегува од космополитизмот на големиот Александар Македонски и неговото македонско царство и дека тоа е Македонизам, а не хеленизам.
Ние мораме денес да го одржиме континуитетот на развојот на македонскиот народ во насока на демократија, правда и меѓународно право, и да создаваме консензуси во одбрана на нашето природно и историско право да бидеме она што сме, Македонци, заклучи Науновски.