Долгот од 1.000 денари за „заборавени“ сметки за парно, струја, вода, кабелска, мобилни наместо блокирана сметка од извршител и извлечени 10.000 денари за трошоците при извршувањето – граѓаните да ги чини само онолку колку што е долгот со мала законска камата. Вака приближно би изгледал новиот начин на вонсудска наплата на долговите, кој е предложен во новиот Закон за извршувањето, кој веќе е во собраниска процедура, пишува весникот „Дневник“.
Весникот наведува дека тоа автоматски би значело можност за избегнување на сите огромни трошоци од џебот на граѓаните при блокадите на сметките, кои во последно време ги има десетици илјади. Праксата изминативе години покажа дека за долг од 1.000 денари сметките на граѓаните често беа попразни за над 10.000 или 15.000 денари поради трошоците што мораа да ги платат за адвокат, нотар, извршител, камата, за блокада и деблокада на сметката во банка…
Од Kомората на извршителите нагласуваат дека ако се изгласа вонсудската наплата на долговите, покрај тоа што ќе се скуси времетраењето на постапката, односно доверителот побрзо ќе си ги наплати парите, ќе се намалат драстично и трошоците за граѓанинот-должник.
Според познавачите, со вонсудската наплата ќе се реши проблемот со уредна достава на решенијата за граѓаните. Досега праксата покажа дека повеќето од граѓаните со блокирани сметки не добиле никакво известување, ниту дека должат ниту дека ќе бидат блокирани.