Дојде и тој ден, омилениот ден на сите фудбалски фанови кои по пауза од неколку месеци повторно ќе можат да уживаат во натпреварите од најпрестижното клупско натпреварување, Лигата на шампиони.
Денеска ќе се одиграат првите два натпревари од 1/8 финалната рунда, а во фокусот на фудбалското внимание ќе биде дуелот на “Итихат” помеѓу најбогатиот клуб на Островот, Манчестер Сити и каталонскиот гигант Барселона.
Предводникот на “граѓаните”, Мануел Пелегрини потврди дека поради повреда овој натпревар ќе мора да го прескокне аргентинскиот интернационалец, Серхио Агуеро, но по подолга пауза повторно на располагање ќе ги има услугите на репрезентативецот на Бразил, Фернандињо.
За разлика од менаџерот на Сити, предводникот на каталонскиот гигант, Херардо Тата Мартино нема никаков проблем кога е во прашање здравствениот билетн, а голема е веројатноста дека Барса ќе нападне со напаѓачкиот двоец, Лионел Меси – Неимар.
Помало фудбалско внимание, но не и помала неизвесност, ќе понуди дуелот помеѓу германскиот бундеслигаш Баер од Леверкузен и актуелниот шампион на Франција, тимот на ПСЖ.
За поголемиот број фудбалски стручњаци и фанови, ПСЖ важи за фаворит на овој дуел, а таквата улога треба да биде оправдана од најголемите ѕвезди во првиот тим на Лорен Блан, Златан Ибрахимовиќ, Езекел Лавеци, Хавиер Пасторе, Јоан Кабаје, Ммарко Верати, Тиаго Мота, Лукас Моура.