Нови олеснувања од ФЗОМ за остварување на ортопедски и други помагала

Фондот за здравствено осигурување воведува нови олеснувања при остварување на правото на ортопедски и други помагала.Со новите измени кои стапија на сила месецов, опфатени се приближно 8.200 лица и промените се на барање на пациентите.Двете мерки се однесуваат на воведување на нова група помагала, но и кратење на посетите кај матичниот лекар и подрачните служби на Фондот за здравствено осигурување.

„Воведувањето на нова група помагала се однесува на суплементи за дигестивни и метаболни заболувања, и тоа безглутенско брашно за лицата заболени од Ret Syndrome и безпротеинско брашно и млеко за лица заболени со фенилкетонурија, по барање на осигурени лица. Имено, станува збор за ранлива група на граѓани кои во својата секојдневна исхрана не можат да вклучат продукти кои ги содржат протеините глутен и фенил аланинот, а при тоа сериозно да не го нарушат сопственото здравје. Со воведување на оваа измена на Правилникот ФЗОМ овозможи на лицата заболени од Ret Syndrome и Фенилкетонурија да го остварат своето право на овие суплементи на товар на Фондот, станува збор за три лица заболени од ret syndrome и 10 лица со фенилкетанурија кои досега приватно ги плаќаа овие суплементи кои се движат од 4000 денари за безглутеинското брашно, до 20.000 денари за безпротеинското брашно и млеко во зависност од количината месечно,“ изјави директорката на Фондот за здравствено осигурување, Маја Парнарџиева Змејкова.

Втората мерка се однесува на кратење на 164.000 посети на годишно ниво кај матичниот и подрачните служби на ФЗОМ. Фондот воведe пропишување потврди за ортопедски помагала за шест месеци, станува збор за 8.200 лица корисници на овие помагала.

„Осигурениците со само една посета на матичен лекар, ќе добиваат потврди за шест месеци за вештачки отвори, нелотен катетар и пелени и влошки за инконтиненција. До сега, осигурениците одеa прво на матичен, па до подрачна служба и на крај да го подигнат помагалото од ортопедската куќа, на месечно ниво, а сега се овозможува 20 помалку посети на осигурениците кај избраниот лекар и подрачните служби на годишно ниво. Ваквата измена на Правилникот има за цел да им ја олесни постапката на осигурените лица – корисници на помагалата за инконтиненција на кои потврдите им се издаваат по препорака на лекар специјалист, Наод оценка и мислење од Лекарската комисија, а ги пропишува избраниот лекар,“ додаде Парнарџиева-Змејкова.