ВМРО-ДПМНЕ: Воздухот во СДСМ е полн со страв од избори

СДСМ е повторно фатен на дело во уште еден скандал. Нивниот технички назначен министер за внатрешни работи Оливер Спасовски измисли непостоечка aфера клеветејќи ја реномираната компанија „Гисеке и Девриент“ за непостоечки криминал и наводно печатење фалсификувани возачки дозволи, кражба на македонски идентитети и остварување милионски профит, реагираат од владејачката партија.

Соопштението Ви го пренесуваме интегрално во целост

Многу тешко се дише на Бихаќка.

СДСМ е повторно фатен на дело во уште еден скандал. Нивниот технички назначен министер за внатрешни работи Оливер Спасовски измисли непостоечка aфера клеветејќи ја реномираната компанија „Гисеке и Девриент“ за непостоечки криминал и наводно печатење фалсификувани возачки дозволи, кражба на македонски идентитети и остварување милионски профит.

Спасовски и СДСМ се обидоа, како што ни дете не би се обидело, да наклевети реномирана компанија која дури печати и евра, дека правела криминал со македонски возачки дозволи, за да го покрие и разводни огромниот скандал со Фабриката за Афери на СДСМ која ја водеше најдобриот пријател на Зоран Заев и жител на затворот Идризово – Захир Бекири Чаушот.

Сега СДСМ се обидува преку добропознатиот несериозен став на сериозни теми да отвори што е можно повеќе фронтови за борба, мислејќи дека така граѓаните на Македонија ќе заборават кој печател лажни лични карти и пасоши со цел да ги користи во валканата кампања пред изборите.

Планот на СДСМ бил да отвора афери наредувајќи им на своите медиуми да шпекулираат со материјалот кој ќе им го доставува Фабриката на Чауш, како во случајот со Фокус. За сето  тоа време СДСМ лаже дека е заштитник на медиумите, а реално ги штити само медиумите под свој диктат и сака да ги затвори сите кои не работат по диктат на Бихаќка.

Но, есапот на СДСМ не испадна ниту во Фабриката за Афери која отиде под стечај како и сите други фабрики поврзани со СДСМ, ниту на рејтинзите на кои СДСМ котира мизерно, а есапот нема да испадне ниту на 24 април кога СДСМ ќе биде катастрофално поразен. И од тоа бегање – НЕМА.

Затоа воздухот во СДСМ е полн со страв од избори.

Ако ВМРО-ДПМНЕ се бавеше со загадувањето на воздухот како што се бавеше СДСМ, граѓаните немаше ниту да знаат каков воздух дишат. Но, така со загадувањето се справи СДСМ – не го мереше, па загадувањето за нив не постоеше.

Единствена мерка која ја преземаа министрите за животна средина во владите на СДСМ кога е во прашање борбата за почист воздух е одлуката да ги исклучат мерните станици за граѓаните да не знаат што дишат.

Затоа СДСМ сака со манипулации и лаги да си ја испере совеста поради апсолутното игнорирање на загадувањето во нивно време.

За разлика од СДСМ, владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ постојано и посветено работи на оваа проблематика, без оглед на тоа како ќе дувне ветерот на Бихаќка. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ постојано истражува, анализира и презема конкретни мерки.

Меѓу последните конкретни мерки, Министерството за животна средина во соработка со владите на Финска и Австрија постави филтри на повеќе локации во Тетово и Скопје кои ќе стојат до крајот на февруари, по што ќе бидат испратени на хемиска анализа во овие земји.

Врз база на хемиски анализи во врвни лаборатории ќе се добијат најновите податоци за тоа кои се индикаторите на загадувањето на воздухот, со што ќе нема шпекулации околу загадувачите.

Претходно, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ им препорача на сите правни субјекти во Градот Скопје и Општината Тетово да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лица над 60 годишна возраст со респираторни и кардиоваскуларни заболувања, како и лица под 60 годишна возраст со дијагноза астма и хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ), до 4 јануари.

Владата на Република Македонија во усвоените заклучоци на крајот на минатата година им препорача на Градот Скопје и oпштината Тетово да ги интензивираат активностите за чистење на улиците, особено околу градилиштата.

Владата го задолжи Државниот инспекторат за животна средина да врши секојдневна вонредна контрола во инсталациите кои подлежат на А интегрирана еколошка дозвола и секој ден да доставува извештај до Министерот за животна средина и просторно планирање и до Министерот за здравство.

Владата им препорача на Градот Скопје и другите општини, преку овластените инспектори за животна средина и комуналните инспектори да вршат еднаш неделно контрола на инсталациите кои подлежат на Б интегрирана еколошка дозвола само во делот на емисии во воздухот и имисии. Притоа, во рамки на контролите на територија на Градот Скопје и Општината Тетово, се даде препорака за редуцирана работа на индустриските капацитети во соодветната единица на локалната самоуправа.

Владата го задолжи Министерството за животна средина и просторно планирање да ги даде следните препораки до граѓаните:

-Граѓаните почесто да го користат јавниот превоз

-Граѓаните да не ги користат возилата без поголема потреба

-Граѓаните да ја рационализираат употребата на автомобили што подразбира, повеќе лица да се возат со едно возило во исто време

-Да се почитуваат законските одредби во поглед на тоа да не се користи за затоплување на простории прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, парчиња гума и каков било синтетички материјал.

Истовремено, Владата на Република Македонија го задолжи Државниот инспекторат за животна средина да изврши контроли на сите автосервиси и доколку констатира неправилности при работењето од нивна надлежност да преземе соодветни мерки.

Владата на Република Македонија ја следи реализацијата на донесените заклучоци на крајот на минатата година и состојбата поврзана со загаденоста на воздухот.

Претходно, владата на ВМРО-ДПМНЕ го спроведе законот сите индустриски капацитети да ги осовременат своите технологии до 1-ви април 2014 година.

Оваа Влада и градоначалникот Трајановски изградија и проширија булевари во Скопје за побрз проток на сообраќајот. Оваа влада набави преку 300 нови автобуси кои 40 години не беа променети. Оваа влада направи проект за гасификација на цела Македонија и целосна гасификација на Скопје за што владата на СДСМ ниту размислуваше, па немаше изработено ниту проектна документација.

Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски направи проект за велосипедски патеки во должина од 50 километри кои веќе се во фаза на реализација. Се набавија електрични возила и мотоцикли. Се формираше комитет за здравје и животна средина. Се заменија котлите за греење на гас во Клинички центар и други здравствени домови и во поголем број училишта.

Во моментов се реализира проект за осовременување на лабораторијата за воздух и Министерството за здравство набави уште две мобилни мерни станици.       Акредитирана е и лабораторијата на универзитетот во Штип која ја мери и концентрацијата на ПМ честичките. Се распиша тендер за набавка на резервните делови на станиците. Се изработи и стратегија за животна средина и здравје со акциски план која е поддржана од Светската Здравствена Организација.

СДСМ не знае каде тера во моментов. Фабриката за смислување афери им се затвори, Чаушот е во ќелија. Спасовски ја скара СДСМ и со Германија со смешните тврдења за возачките дозволи. ЕУ поддржува избори на 24 април, исто како и САД.

Затоа СДСМ тешко дише. Од воздухот кој во партискиот штаб на Бихаќка сами си го загадија.

На 24 април 10-ти пат по ред народот на Република Македонија ќе го казни ваквиот деструктивен, манипулаторски и штетен за Македонија СДСМ, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.