МАН: Ги поддржуваме предлозите на ММА

МАН: Ги поддржуваме предлозите на ММА
МАН: Ги поддржуваме предлозите на ММА

Македонската асоцијација на новинари (МАН) ја поддржува иницијативата за законски измени на Македонската медиумска асоцијација (ММА), асоцијација на најголемите пет телевизии. МАН исто така во денешното соопштение реагира на вчерашниот став на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), кое отфрла, како што наведуваат, какви било предлози, сугестии и корекции на постојните медиумски закони, а се поддржува само предлогот на СДСМ и посредникот Питер Ванхауте.

Ванхауте, сметаат од МАН, повторно има исти ставови со СДСМ.

– Просто е непријатно да се гледа и слуша кога посредникот Ванхауте доаѓа со ставови кои претходно ги подготвува СДСМ, потоа божемски СДСМ се согласува со Ванхауте, за на крај ЗНМ без исклучок да биде со поддршка за предлогот на Ванхауте, односно на СДСМ кога се нанесува јасна и ненадоместлива штета за новинарите и медиумите. ЗНМ ги подржа постојните медиумски закони кои се со европско знаменце, односно согласно меѓународните стандарди и тоа го наплати од европски пари, стои во соопштението од МАН.

ЗНМ, според нив, „е повторно на иста каса со Ванхауте со кој ги погазуваат медиумските закони од пред две години и одработуваат хонорар за нов закон“.

– МАН и понатаму е на ставот дека постојните медиумски закони се добро решение, но бидејќи е очигледно дека лидерот на СДСМ, Зоран Заев се откажа од избирачкиот список во замена за контрола на медиумите, а Ванхауте го поддржува во тоа, и бидејќи СДСМ и Ванхауте бараа промена само во делот на електронските медиуми, МАН ја поддржува иницијативата за законски измени на Македонската медиумска асоцијација (ММА), која е асоцијација на најголмите пет телевизии, бидејќи се работи за нивни ресор каде што тие се најстручни, објаснуваат од МАН.