
Вчера пристигна вториот од шесте нови возови што од Кина беа набавени за МЖ Транспорт, а до април се очекува сите шест возови да пристигнат на македонските пруги.
Со набавката на новите шест возови, обновата и изградбата на нови пруги, како и реновирањето на железничките станици, ќе направиме целосна обнова на железницата, изјави министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски при денешната посета на Демир Хисар.

Вториот воз што пристигна вчера, ќе сообраќа на релацијата Скопје – Битола, а, според Мисајловски, согласно договорот, до крајот на април годинава во Македонија ќе пристигнат шесте возови.
Постојано сум информиран за динамиката на изработка и подготовка на возовите во Кина за Македонија, и тие во нашата држава ќе пристигнат до крајот на април. Освен возовите ние вршиме рехабилитација и реконструкција на железничките станици на Коридорот-10. Во завршна фаза е и реконструкцијата на железничката станица во Скопје. Како Влада вложуваме и во изградба на нови пруги со што ќе направиме целосна обнова во железницата, истакна Мисајловски.
Од Министерството за транспорт и врски информираа дека железничката пруга на релација Битола-Кременица до границата со Република Грција се гради, но со забавено темпо. Министерот Мисајловски најави дека ќе бара од компанијата што го доби тендерот да претстави нов динамички план и да се придржува кон него.